X
 03.09.2018 Образование

Две основни училишта во Велес споени во едно поради намален број на ученици

 Со одлука на Советот на Општина Велес на последната 18. седница одржана минатата недела, а на предлог на градоначалникот Аце Коцевски, двете велешки основни училишта „Благој Кирков“ и „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ се споени во едно ново - ООУ „Панко Брашнаров“, кое е правен наследник на двете училишта.

Градоначалникот Аце Коцевски за МИА вели дека ваквата одлука е неминовна бидејќи во изминатите десет години бројот на ученици во двете училишта е драстично намален за 306 ученици, а што е за една третина помалку од учебната 2007/2008 година кога во двете училишта имало   вкупно  983 ученици.

- Неминовно беше, како и затоа што двете училишта се сместени во иста зграда и ние решивме да преминеме кон рационализација на училишната мрежа, а со цел да го подобриме квалитетот на наставата и да заштедиме финансиски средства. Да потсетам и дека затоа што кога јас дојдов на местото градоначалник, за училиштата во Велес имавме наследено долгови од 500 илјади евра. Ова што ние го правиме е добро оценето од Министерството за образование и наука и од меѓународната заедница. Затоа овој пример треба да го следат и другите општини во Македонија, а меѓународната заедница најавува поддршка за општините што ќе ја рационализираат училишната мрежа - изјави Коцевски.

Според него, ваквите одлуки се непопуларни, спротивни од популистичките, но верува дека чекорите што ги преземаат се исправни и дека резултатите ќе ја покажат исправноста на нивната политика.

Тој информира дека останува во наредниот период да се реализираат и одлуките за промена на статусот на основното училиште во селото Сујаклари, каде што се изведува настава од прво до деветто одделение за само дваесетина деца.

- Тоа е многу скапо и нерационално и нешто што го нема ни во најбогатите држави, на пр., Канада, Шведска, Швајцарија, Германија - потенцира Коцевски.

Тој појасни дека сега Министерството за образование и наука треба да формира специјална работна група и да дојде и да испита дали се исполнети условите за конечно да профункционира новиот правен субјект. Потоа треба да се изврши регистрација во Централен регистар и сѐ да тече како што треба.

Тој рече дека ова е направено во задоцнети рокови, пред самиот старт на новата учебна година, а на што на седницата на Советот остро реагирала опозицијата, а тој образложи дека е така бидејќи имало промена на министерската позиција, па колективен одмор на Владата, но и верува дека сето тоа ќе се надомести.

Коцевски информира дека во четвртокот имал состанок со сите директори на основните и на средните училишта во Велес и нивниот став е ниеден вработен во училиштата да не остане без соодветен ангажман, колку што е тоа можно.

- Предност им даваме на вработените кои се со статус на неопределено време, потоа на вработените на определено, а имаат право да им се трансформира работниот однос на неопределено, па потоа ги пополнуваме празните позиции со вработени на определено време. Сакам да потенцирам дека имало многу погрешна политика во вработувањето во изминатиот период, од партиски причини во пресрет на избори давани се согласности за вработувања на наставен кадар со недоволен фонд на часови, што е спротивно на законот - потенцира Коцевски.

Тој посочи дека тоа е особено изразено во гимназијата „Кочо Рацин“ и во некои други училишта.

- Посебен проблем е тоа што со укинувањето на спортската паралелка во гимназијата и генерално со намалување на бројот на учениците се намалуваат бројот на часови и  бројот на паралелки. Во изминатиот период, за жал, како пример ќе го потенцирам статусот на ООУ „Јордан Х.К.-Џинот“  и ООУ„Благој Кирков“ иако бројот на ученици за десет години се намалил за 306 деца, се намалиле паралелките и часовите, бројот на вработени останал речиси ист, а разликата е само за два наставника. Ние тоа мора да го доведеме во нормална состојба затоа што Македонија е сиромашна држава, а сиромашна е и општината и мора да водиме грижа за секој денар, не на штета на квалитетот, но мора да го рационализираме воспитно-образовниот процес - мрежата на основни училишта, а со цел училиштата во иднина да не ни создаваат загуби, а заштедите што ќе ги направиме да ги вложиме за подобрување на квалитетот на наставата - потенцира Коцевски.

Тој истакна дека се реконструирани топловодните системи во училиштата и најави дека за следната година се планира сите училишта во градот да бидат поврзани на гасоводна мрежа.

Училиштата, според Коцевски, се подготвени за новата учебна година, но поради недоволен капацитет на градежните компании од Велес, некои активности не се завршени пред 1 септември, па се надева дека тие ќе завршат до почеток на новата грејна сезона.

За наследените долгови на училиштата, посочи дека се обидуваат заедно со надлежните државни институции да најдат решение, особено за проблемот со превозот на учениците.

- Речиси сите училишта во Македонија имаат долгови бидејќи не добиваат доволно средства од државата за покривање на трошоците за огрев на училишните објекти. Сега е во постапка закон во Собранието на Р. Македонија од група пратеници со кој се предвидува регуларниот јавен превоз да може да се користи и за превоз на ученици. На тој начин сметам дека многу ќе се намалат трошоците за патување на учениците и дека полека ќе можеме да ги избалансираме - вели Коцевски.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование