X
 08.02.2021 Наша тема

Треба да се носат брзи, но не избрзани одлуки кога се спасува од пожар, вели Никола Мајнов, најдобриот скопски пожарникар

Никола Мајнов, пожарникар спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, е еден од хероите на градот. Прогласен е за најдобар пожарникар за минатата година. Како најтешки интервенции ги издвојува пожарите во кои гореа Министерството за правда и Природно-математичкиот факултет

Никола Мајнов, пожарникар спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, е еден од хероите на градот. Прогласен е за најдобар пожарникар за минатата година.
Вели дека ова претставува големо признание за него со оглед на тоа што е прилично помлад од своите колеги, но и мотив и обврска плус понатаму да го даде својот максимум и да одговори на обврските најдобро што може.

Горд на секоја интервенција

Вели дека титулата најдобар пожарникар ја добил поради поголемиот број интервенции во изминатата година.



- Кога се мисли на интервенции, не се мисли само на пожари, туку и на технички интервенции, како што се вадење давеници, учество во разни акции за спасување и слично. Бидејќи пожарникарството го опфаќа и тој дел, а не само гасење пожари. И морам да потенцирам дека не би успеал во интервенциите да не се моите колеги, затоа што сепак ова е тимска работа и без нив не би се здобил со ова признание - вели Никола.

За него, позитивни и успешни акции се оние што завршуваат со среќен крај, односно без губење човечки животи, без поголеми материјални штети, кога работата ќе се заврши професионално и кога и пожарникарите и оштетените се задоволни од целата ситуација, односно од нејзиниот исход.



- Не би можел да издвојам акции на кои посебно сум горд бидејќи со сите досегашни се гордеам. Секоја акција си има своја тежина и еднакво сум горд на секоја. А како најтешки интервенции би ги издвоил пожарите во кои гореа Министерството за правда и Природно-математичкиот факултет. Велам потешки бидејќи се работеше за поголема површина и во урбан дел и бараа поголем ангажман и време - сподели Никола.

Секоја акција си има своја тежина

Својата професија ја опишува како хумана, пожртвувана и експедитивна. Самиот факт дека оди да направи нешто за некој што е во неволја, на кому му е потребна помош, му е доволна мотивација за да излезе на теран и да ја изврши задачата со полна пареа.
Вели дека достојно се носи со тежината на професијата и планира да продолжи и понатаму да се залага и вложува, и да го достигне врвот на професионалноста.



- Како пожарникар потребно е да се носат брзи и правилни одлуки, но не избрзани бидејќи се работи за работа со висок ризик. Физичката и менталната подготвеност се најсилните адути во оваа професија. Кога сум на терен, мислите и емоциите ги тргам настрана бидејќи само така може да се дејствува во такви ситуации. И секако најважното - за успешно извршена работа е потребен добар тим - додава Мајнов.



Неговата кариера допрва ќе расте. Негови следни стремежи како пожарникар се надградување и усовршување на знаењето и вештините во пожарникарството.

Фото: Архива на БППЗ
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема