X
 17.10.2022 Наша тема

Марија Давчевска, најдобар просветен работник во училиште со настава со деца со атипичен развој: „Љубовта најмногу им го привлекува вниманието“

Суштината на успехот на специјалниот едукатор не е само да направи „нешто“ за детето, туку да биде „некој“ во неговиот живот, вели Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор, воедно и наставник-ментор во ОУРЦ „Маца Овчарова“ во Велес, која го доби признанието просветен работник од училиште каде што наставата се изведува со ученици со атипичен развој

Сојузот на просветните работници на Македонија ги додели признанијата за просветен работник на годината за учебната 2021/2022 година.
Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор, воедно и наставник-ментор во ОУРЦ „Маца Овчарова“ во Велес, го доби признанието во категоријата просветен работник од училиште каде што наставата се изведува со ученици со попреченост.

- На самиот почеток на календарската 2021 година беше објавен првиот јавен повик од Министерството за образование и наука (МОН) на кој беа повикани сите наставници од јавните основни училишта да го разгледаат повикот и доколку ги исполнуваат условите за аплицирање, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок и да го остварат своето законско утврдено право за напредување во звање ментор. Секако дека јас ги исполнував условите и доставив барање до МОН за напредување во звање наставник-ментор, притоа приложувајќи ги соодветните докази за мојот кариерен развој. Мојата амбиција e една движечка сила која секогаш ми дава храброст да преземам нови чекори. Постојаната упорност, одговорност, активност, самоконтрола и верба во себе даваат успех – ни сподели Давчевска.


Марија Давчевска

Воопшто не е деликатно работењето со атипични деца

Целта на сите нас е да се стремиме кон успех, а можноста да им помогнам на другите, особено на децата со атипичен развој и нивните семејства, дава резултати, додава Марија.

- Во текот на моето досегашно работење, преку разни обуки, работилници, семинари, проекти и конференции, како домашни така и меѓународни, како автор и коавтор на многу научни трудови, запознаена сум со многу активности со цел подобрување на специјалната едукација и рехабилитација, инклузивните практики во училиштата и пошироката заедница. Автор сум на повеќе прирачници наменети за работа со деца, како со типичен така и со атипичен развој. Поседувајќи ги овие и други теоретски и практични искуства, сметам дека како стручен профил – специјален едукатор и рехабилитатор со добиеното признание истакнат просветен работник на годината, кое го доделува Сојузот на просветни работници, ќе дадам уште поголем понатамошен придонес и особени резултати во воспитно-образовната работа и други активности во наставата за учениците со посебни образовни потреби - дополнува нашата соговорничка.



Како што вели таа, за сите деца со атипичен развој е едукатор, соработник, поддржувач, но најмногу од сѐ е нивен верен другар. Но суштината на успехот на специјалниот едукатор не е само да направи „нешто“ за детето, туку да биде „некој“ во неговиот живот.

- Во ниеден момент не сум помислила дека работата со деца со посебни образовни потреби е деликатна. Знаењата и искуствата што ги поседувам во врска со работата со деца со посебни потреби се многубројни, користењето иновативни техники и методи на поучување и работа со овие ученици ги подобруваат проблемите со кои тие се соочуваат, а тоа се проблеми во комуникацијата, когнитивните, перцептивните, социјалните и моторните вештини. Во мојата секојдневна работа со учениците со атипичен развој применувам лесни и интересни игри како важен стимулативен дел при реализирањето на воспитно-образовниот процес, наменети за сите ученици според можностите и способностите, користам лесно достапни и широко применливи едукативни содржини и ресурси со цел да се развиваат и усовршуваат сите знаења и вештини. Користам иновации, креативни платформи, прирачници кои изобилуваат со наставни материјали и средства. Затоа, да се работи со деца со посебни образовни потреби е вистинско задоволство и голема чест - посочува Марија.

Најважно ми е да гледам среќни, задоволни и насмеани детски лица

Специјалниот едукатор и рехабилитатор има важна и тешка задача пред себе – да изнајде начин кој е најпривлечен и најсоодветен за потребите и способностите на детето.



- Секое дете е посебна индивидуа. Секоја индивидуа носи со себе позитивни нешта. Секое дете го учам да научи да решава многу задачи кои ќе бидат поставени пред него, со цел понатаму и тоа да стане активен член на општеството во кое живееме. Но за мене, најважно од сѐ е да гледам среќни, задоволни и насмеани детски лица. Секогаш ги отворам очите за нови стратегии, методи, техники и ресурси што можам да ги користам за да им помогнам на моите ученици да успеат. А моја препорака за одење дома по завршувањето на работниот ден, одење дома со полно срце е: Бидете доследни во работата! Преку мојата работа сакам да се создадат безбедни места каде што со сигурност децата со посебни образовни потреби ќе бидат среќни, ќе се задоволат нивните желби, а истовремено ќе ги покажат сите нивни вештини и способности - изјавува Давчевска.

Како искусен специјален едукатор и рехабилитатор, таа секогаш си поставува сериозни прашања кога почнува работа со дете со атипичен развој. Дали ученикот има различни преференции на учење? Кои се неговите добри, а кои послаби страни? Дали ученикот има тешкотии при следење инструкции? Дали има тешкотии со помнењето, како визуелно така и аудитивно? Каде седи ученикот? Може ли добро да слушне и да види? Какви видови задачи може да сработи? Кога ученикот е зафатен, што е она со што се занимава?



- Кога ќе ми бидат одговорени речиси сите прашања, тогаш работата со детето ќе даде резултати. Притоа треба да се овозможат различни начини на учење за сите деца врз основа на нивните потреби, но фокусот да е насочен кон постигнување соодветни и достижни резултати. А најсилно од сѐ што му го привлекува вниманието на секое дете со атипичен развој е неизмерната љубов што сум му ја дала, му ја давам и ќе му ја давам несебично - категорична е Марија Давчевска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема