Вооружени борци на Армијата на Босна и Херцеговина ноќе талкаат низ шума зафатена со густа магла.
Свесни дека го изгубиле патот, исплашени, борците одлучуваат да спијат, но со првите сончеви зраци следното утро сфаќаат дека се на само стотина метри од српските позиции на непријателот.
Таму, во ровот на ничија земја, започнува трагикомичниот заплет на истоименото дело од 2001 година на босанскиот режисер Данис Тановиќ, кој беше награден со „Оскар“ за најдобар странски филм.
До денес, „Ничија земја“ е единствениот филм од територијата на поранешна Југославија крунисан со најпрестижното признание на Американската академија за филмски уметности и науки во оваа категорија.
Нецели четири децении пред Тановиќ, но во конкуренција за најдобар краток филм, познатата златна статуетка во 1962 година ја доби Душан Вукотиќ, истакнат црногорски режисер, сценарист и карикатурист, за анимираниот класик „Сурогат.“
На 96. доделување на „Оскарите“ во „Долби театарот“ во Лос Анџелес, меѓу номинираните кандидати за најдобар странски филм нема ниту еден од Балканот.
- Поранешна Југославија има неверојатна историја, богата филмографија, ретки ремек-дела, големи имиња, добри школи. Тоа што немаше номинација не значи дека квалитетот на тие филмови е понизок - посочува Атанас Георгиев, филмски продуцент од Македонија, чиј документарен филм „Медена земја“ беше номиниран за „Оскар“ во 2019 година.
Фото: Screenshot/Youtube
Војната е веројатно сè уште првата асоцијација за светската публика кога се споменува поранешна Југославија и можеби затоа авторите сè уште ја избираат, но време е за нови теми и пристапи, вели Кери Хегарти, професорка по филмски студии на Универзитетот во Мајами.
- Филмовите кои повеќе се занимаваат со актуелни општествени, политички и особено културни прашања отколку со турбулентното минато имаат поголеми шанси да ѝ го привлечат вниманието на светската публика. Фолклорот, традицијата и различните културни елементи на Балканот би можеле да ја заинтригираат глобалната сцена - смета професорката Хегарти.
Постои нешто поважно од номинациите
Во 1947 година Академијата за филмски уметности и науки воспостави награда за играни филмови направени надвор од САД. Се доделува секоја година, почнувајќи од 1956 година.
Кинематографијата на Југославија првпат влезе во трката за „Оскар“ во 1958 година со копродукцијата „Пат долг една година“. До моментот кога социјалистичката федерација пропадна во 1991 година, таа имаше вкупно 29 номинирани филма за категоријата најдобар странски филм.
И покрај шест номинации, ниеден филм не доби „Оскар“.
Ова е „пристоен просек“ со оглед на животниот век на Титова Југославија, оценува Иван Карл, в.д. директор на Филмскиот центар на Србија, институцијата која одлучува за српскиот кандидат за „Оскар“.
- Југословенските филмови како „Битката на Неретва“ на Вељко Булајиќ или „Бал на вода“ на Јован Ачин имаа забележителна дистрибуција во САД - забележува Карл.
Георгиев додава дека авторите од Балканот претходно не обрнувале големо внимание на „Оскарите“ бидејќи им било важно да направат квалитетен производ.
- Ми се допаѓа што повеќе беа фокусирани на креативниот концепт наместо на прекумерна ангажираност да стекнат престиж и популарност - вели тој.
Номинирани филмови за време на СФРЈ
„Пат долг една година“, 1958 година
„Деветти круг“, 1960 година
„Три“, 1966 година
„Собирачи на пердуви“, 1967 година
„Битката на Неретва“, 1969 година
„Татко на службен пат“, 1986 година
Номинирани филмови по распадот на СФРЈ
„Пред дождот“, 1994 година, Македонија
„Ничија земја“, 2001 година, Босна и Херцеговина
„Медена земја“, 2019 година, Македонија (документарен филм)
„Quo vadis, Aida?“, 2021 година, Босна и Херцеговина
Фото: Screenshot/YouTube
По распадот на Југославија сите републики речиси редовно имале номинирани филмови за „Оскар“. Сепак, и по речиси три и пол децении, Србија, Хрватска и Словенија немаат стигнато до фазата на номинација.
Српската кинематографија се доближи до номинација дури во 2008 година со филмот „Стапица“ на Срдан Голубовиќ, кој го помина првиот круг на селекција, но не повеќе од тоа.
Американската филмска академија има илјадници членови, а 90 земји се натпреваруваат во категоријата за најдобар странски филм.
Кој одлучува за наградата и како се гласа?
Секоја земја има право да номинира само еден филм годишно. Филмот го избираат претставници на локалната филмска индустрија чии имиња мора да бидат доставени до Американската академија, како и самата продукција со англиски преводи.
За да биде во трката за „Оскар“ за најдобар странски филм, мора да исполнува две клучни барања: да е снимен надвор од САД во претходната година и најголем дел од дијалозите треба да се на јазик различен од англискиот.
Услов е и филмот да не бил прикажан на телевизија или пуштен на дивиди пред да биде пуштен во кината. Неговиот филмски живот, исто така, мора да биде подолг од една недела.
Потоа членовите на прелиминарната комисија за награда за странски филм со тајно гласање го стеснуваат изборот на 15 најдобри. Во средината на јануари Комитетот за номинации дополнително ја стеснува листата и избира пет филма кои ќе се натпреваруваат за наградата.
Фото: Screenshot/YouTube
Победникот се одредува со гласовите на членовите на Академијата кои присуствуваа на проекциите на сите пет номинирани дела.
„Оскари“ за најдобар странски филм по бројки
- Италија има освоено најмногу „Оскари“ - 14, и уште 29 номинации;
- Најнаградуван режисер е Федерико Фелини со четири „Оскари“;
- „Паразит“ од 2020 година е првиот што победи во двете категории - „Оскар“ за најдобар филм и „Оскар“ за најдобар странски филм;
- Досега 28 земји добиле „Оскар“, а 63 биле номинирани;
- Негативниот рекорд го држи Португалија со 40 учества, но без ниту една номинација.
Што е поважно, оригинална приказна или силна кампања?
Босна и Херцеговина и Македонија можат да се пофалат со по две номинации. Покрај филмот на Тановиќ, вниманието на американските филмски експерти пред неколку години го привлече и документарниот филм „Медена земја“. Приказната за Хатиџе Муратова, последната македонска пчеларка, во 2019 година влезе во тесниот круг на фаворити за „Оскар“.
- Ја знаете ли мислата дека барем еднаш во животот треба да создадете едно ремек-дело? Е, тоа го постигнавме со „Медена земја“. Во јадрото на филмот се испреплетени неколку големи и универзални теми: изолација, осаменост, преживување, односот помеѓу мајката и ќерката и, пред сè, односот меѓу човекот и природата. И сето тоа беше мајсторски спакувано - објаснува Георгиев.
Важноста на оригиналната идеја е клучен предуслов за успех во трката за „Оскар“, смета тој.
- Академијата точно го препознава квалитетот и ја мери тежината на филмот, кој, слободно можам да кажам, беше толку голем што едноставно не се вклопуваше само во категоријата документарец, а правилото првпат беше прекршено и се најде во уште една - вели тој.
Георгиев смета дека е невозможно да се влезе во трката за „Оскар“ без „добра и универзална приказна“, но и без добро осмислена кампања и промоција.
- Треба да се нагласи дека во првиот круг, до номинацијата, можат да гласаат само членовите на Академијата кои припаѓаат на одредена професија - на пример, за документарен филм можат да гласаат само документаристи. Во последниот круг, кога филмот ќе добие номинација, гласаат сите членови на Академијата. Тогаш е потребна маркетинг-стратегија за што повеќе членови да го гледаат филмот и на тој начин тој да добие комерцијална сила - вели тој.
Професорката Хегарти од Мајами смета дека жанровите како квалитетни комедии, романтични филмови и трилери би додале нова димензија на балканската понуда во трката за „Оскар“.
За видливоста на филмовите од Балканот на светскиот пазар, важен е успехот на меѓународните фестивали.
Доколку некој американски дистрибутер потоа се заинтересира за нив, се зголемуваат можностите да се постигне успех во САД, вклучително и на „Оскарите“.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube