Денес, многу компании бараат приспособени резимеа, персонализирани мотивациони писма и спроведуваат повеќе интервјуа за на крај кандидатите да бидат одбиени преку е-пошта. Поради зголемениот број изборни кругови, голем број луѓе се уморни од барање работа и испраќање апликации. Но, ново истражување покажува дека вештачката интелигенција (ВИ) може да го олесни процесот.
Истражувањето од платформата „Џоб лидс“ покажало дека дури 73 отсто од Американците што користеле вештачка интелигенција кога аплицирале за работа на крајот ја добиле работата. Според Јан Хендрик фон Ален, извршен директор на платформата, вештачката интелигенција може да ги зголеми шансите за вработување, особено кога станува збор за поминување низ системи за следење апликации (АТС).
Некои резимеа не ни доаѓаат до луѓето
АТС-системите се користат за управување со голем број апликации со автоматско скенирање резимеа и мотивациони писма за клучни зборови, вештини и релевантно искуство. Иако АТС-системите го забрзуваат процесот на селекција дозволувајќи им на работодавците да прегледаат повеќе апликации, многу резимеа никогаш не стигнуваат до луѓето што ги разгледуваат.
Како да се користи вештачката интелигенција?
Според Јан, сѐ се сведува на четири едноставни чекори. Прво, дајте им на алатките јасна задача, опишете им што точно сакате да постигнете. Второ, дајте им да ја погледнат вашата биографија и внесете го описот на работата за која аплицирате. Дозволете ВИ да ги обработува податоците, но не заборавајте да го прегледате крајниот резултат за да бидете сигурни дека текстот одговара на она што го барате.
Не станува збор за тоа дека технологијата ја работи работата наместо вас, туку за искористување на предлогот на вештачката интелигенција. Со комбинирање на технологијата за вештачка интелигенција и личен пристап, Јан верува дека можете да го најдете клучот за успех на денешниот пазар на труд.
Извор: net.hr
Фото: Freepik