X
 12.11.2022 Наша тема

Енергетски ваучери, ограничување на цените на намирниците, грантови за бизнисите... Како земјите од Балканот се борат против енергетската криза

Европскиот енергетски пазар повторно е под влијание на трендот на незапирлив раст на цените, а најмногу на цената на енергетските производи, а со тоа и поскапувањето на струјата и парното. Ниту една земја, дури ни помоќните, не е имуна на тоа.

Да биде уште понеизвесно, анализите и очекувањата на експертите за наредниот период не даваат надеж, а сите укажуваат дека кризата не стивнува, туку се разгорува.

Но, државите не седат со скрстени раце и некои од нив презедоа мерки за спречување натамошно поскапување. Државите или ги делат трошоците за сметките со своите граѓани или ги намалуваат даноците, или пак ги замрзнуваат цените.

Македонија со низа финансиски пакет-мерки за граѓаните

Владата на нашата земја одобри финансиска поддршка за социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, предложена од Министерството за труд и социјална политика.



Финансиска поддршка од 3.000 денари месечно во период од четири месеци, започнувајќи од ноември, ќе добијат:

- корисници на право на социјална сигурност на стари лица;
- корисници на посебен додаток;
- корисници на правото на надоместок заради попреченост;
- лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост;
- самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

И за невработени лица - корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместо -, е предвидена финансиска поддршка од 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

За корисниците на право на пензија во висина до 14.000 денари е предвидено:

- финансиска поддршка од 1.500 денари месечно, за период од четири месеци, за оние што земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно;
- финансиска поддршка од 750 денари месечно, за период од четири месеци, за корисниците што оствариле доход по основ на пензија во висина од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно.

Финансиска поддршка од 750 денари месечно, за период од четири месеци, е предвидено да добијат и корисниците на право на надоместок за телесно оштетување.



Грција нуди финансиска помош за граѓаните


Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави 5,5 милијарди евра за итна помош за 2022 и 2023 година. Тој изјави дека 2,3 милиони граѓани кои се во ранливите категории ќе добијат 250 евра во декември како финансиска помош за време на економската криза. Мерките вклучуваат олеснување за ранливите граѓани, зголемување на станбениот додаток за студентите и 150 милиони евра вонредни субвенции за земјоделците за покривање на зголемените трошоци за гориво и добиточна храна и попуст на придонесите за осигурување.

Од мај 2023 година ќе се зголемат и минималната плата и пензиите, а дополнително ќе се зголемат и платите во националната здравствена служба и армијата. Освен тоа, ќе биде продолжен понискиот ДДВ за неколку сектори додека до крајот на 2024 година ДДВ во градежништвото ќе биде суспендиран.

Црна Гора чека помош од ЕУ

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ на почетокот од ноември најави дека Црна Гора ќе добие дел од финансиската помош што Европската Унија ја одвои за земјите од Западен Балкан со цел полесно да се надмине енергетската криза.

- Мислам дека тоа ќе биде конкретна помош за граѓаните и економијата и конкретен доказ дека ЕУ стои зад земјите од Западен Балкан - изјави премиерот.

Бугарија ги замрзнува цените


Пратениците во Народното собрание на Бугарија го одобрија предлогот за воведување мораториум на цените на струјата и парното, односно замрзнување на цените. Мораториумот стапува во сила на 16 декември и ќе трае до 31 март 2023 година.

Како одговор на поскапувањето, Владата на Бугарија формира Привремен комитет за борба против енергетската криза.

Енергетски ваучери и финансиска помош во Србија

Со оглед на тоа што растат цените на енергијата, а со тоа и на основните прехранбени производи, падот на животниот стандард на граѓаните станува поочигледен. Ова важи и за Србија, каде што половина милион граѓани живеат во сиромаштија, додека два милиони се во ризик од сиромаштија.

За да добијат некаква финансиска помош, властите од 20 града и општини во Војводина почнаа да издаваат таканаречени енергетски ваучери. Вредноста на ваучерите варира од општина до општина, а се движи од 85 до 130 евра.

Освен тоа, Владата на Србија донесе нова Регулатива за енергетски ранливи потрошувачи, која ќе им овозможи на посиромашните граѓани да ги плаќаат сметките за струја по пониски цени.

За да можат домаќинствата да добијат ваков вид помош, треба да имаат приходи до 18.000 динари месечно (во случај домаќинството да има еден член), до 70.000 месечно во случај домаќинството да има 6 члена и повеќе.

Пакет за социјална издржливост во Албанија

Во септември, премиерот на Албанија, Еди Рама, го претстави пакетот за социјална издржливост чија цел е да им помогне на жителите во соочувањето со глобалната криза. Во рамките на пакетот најавени се промени во сметањето на пензиите и социјалната помош за да се земе предвид повисоката инфлација и да се зголемат сумите што ги добиваат овие групи граѓани.

Пакетот предвидува и финансиска помош и компензација за плаќање на сметките за струја за лицата со инвалидитет. Рама најави и зголемување на минималната плата од 2.000 леќи на 34.000 леќи (289 евра). Предвидена е и финансиска помош за фармерите и рибарите, како и поддршка за јавниот транспорт.

100 евра за најранливите во Косово

Владата на Косово им додели 100 евра на сите вработени, студенти и пензионери во март и во септември. Во октомври, Владата им доделила дополнителни 100 евра на пензионерите, студентите и вработените во јавните претпријатија. Освен тоа, им била уплатена двојна социјална помош на најранливите граѓани.

Субвенции за струја во Босна и Херцеговина

Владата на Федерацијата, еден од двата ентитети што ја сочинуваат Босна и Херцеговина, летово донесе одлука за доделување субвенции за електрична енергија до јули 2023 година. Субвенциите се наменети за 70.000 граѓани, односно пензионери со најниска пензија и корисници на постојана парична помош.

Ограничување на цените во Хрватска

Во септември Владата на Хрватска претстави есенски пакет-мерки за помош на граѓаните вреден 21 милијарда куни (2,8 милијарди евра). Во рамките на пакетот Владата ја ограничи цената за електричната енергија без разлика на движењето на цените на берзите.

Освен тоа, ограничени се и цените на девет основни прехранбени производи, меѓу кои и сончогледово масло, трајно млеко, шеќер, брашно и некои видови месо. Пакетот предвидува и исплата на финансиска помош на невработените лица, како и мерки за помош на земјоделците.

Грантови за бизнисите и помош за ранливите групи во Словенија

Во септември Словенија одлучи да ѝ помогне на економијата со неповратни грантови за бизнисите за да им помогне да ги финансираат трошоците за електрична струја и гас. Земјата донесе и закон за контрола на енергетската понуда, со кој Владата може да им наредува на државните компании да обезбедат сигурни енергетски ресурси. Владата одлучи и финансиски да им помогне на државните енергетски компании.

Претходно Словенија одобри пакет за помош на ранливите домаќинства и индивидуалци, според кој 63.000 ранливи жители и 7.400 лица со инвалидитет добија еднократна помош од 200 евра.  


Извор: Vlada.mk  | aa.com.tr  | Vijesti.me  | Kurir.rs  | Mojnovisad.com | Kryeministria | Kosovo 2.0 | Vlada FBiH | Vlada republike Hrvatska | Total Slovenia News | Wolf Thesis | Euractiv
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски/Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема