Зимските олимписки игри во Сараево, Босна и Херцеговина, почнале на 8 февруари во далечната 1984 година. Подготовката за настанот почнала многу порано, а во неа учествувале млади луѓе од цела поранешна Југославија.
Претприемачот Нијаз Скендерагиќ сподели фотографии на својот фејсбук-профил од бригадири и бригадирки од цела Југославија кои волонтерски работеле на изградбата на објектите за Игрите.
- Работевме и градевме длабоко убедени дека правиме нешто што ќе биде корисно за доброто на пошироката заедница. Секако дека придонесот и поддршката на сите граѓани на Сараево и Босна и Херцеговина беше огромен, но солидарноста и поддршката што ја имавме беше неповторлива. Сите што учествуваа во овој голем подвиг заслужија да имаат изложба посветена на нив или документарен филм - напишал Скендерагиќ во објавата.
Кога бил избран за домаќин на Зимските олимписки игри, градот Сараево имал само два објекта што можеле да послужат за Игрите. Затоа почнала изградбата на сала, патека за боб и санкање, скокалница, жичница, хотели, рекреативни центри, олимписко село и новинарска населба. Зимските олимписки игри во Сараево траеле до 14 февруари.
Извор:
Klix
Насловна фотографија: Facebook