Заборавете на ФОМО (страв од пропуштање) или ЏОМО (радост од пропуштање). Најновиот феномен што предизвикува анксиозност кај младите е ФОБО - стравот од подобра опција. Со други зборови, луѓето постојано се преиспитуваат и се прашуваат „што ако?“
Патрик Мегинис, авторот што го смисли терминот ФОБО, го опишува овој феномен како „анксиозност дека можеби постои нешто подобро, што доведува до тоа да не сакаме да донесеме конечна одлука кога избираме меѓу некои опции.
Овој проблем е толку сериозен, што тој го нарекува „злобниот брат“ на ФОМО.
- Ова се однесува на одлуки во кои пред нас има сосема прифатливи опции, но сепак се мачиме да избереме само една - вели Мегинис, нарекувајќи ја ФОБО „болест на изобилството“.
Претприемачот Томас Свиторка додава дека ФОБО создава постојано чувство на несигурност, што може да резултира со колебање и парализа при донесување одлуки бидејќи личноста се плаши дека секој момент може да се појави „совршена опција“.
- Без разлика дали станува збор за избор на јадење од мени во ресторан, дестинација за одмор или, во посериозни случаи, одлука за животен партнер, ФОБО се базира на прашањето: Што ако постои нешто подобро? - објаснува Свиторка.
Одложување на одлуките до последен момент
Иако можеби изгледа дека големиот број опции е добра работа, Мегинис предупредува дека овој начин на размислување може да доведе до сериозни последици.
Луѓето што страдаат од ФОБО може да се оддалечат од своите најблиски, колеги, па дури и потенцијални партнери бидејќи околината ќе се умори од нивната постојана неодлучност.
- Кога го третирате животот како „Тиндер“ и постојано прелистувате опции без да се обврзете на ниту една – на сите им испраќате јасна порака дека сте крајно неодлучна личност - вели Мегинис.
Тој објаснува дека луѓето со ФОБО не сакаат да се посветат на конкретен план, туку ги чуваат опциите отворени и носат одлуки во последен момент - ако воопшто ги донесат.
Како ФОБО влијае врз менталното здравје?
Психолозите предупредуваат дека овој начин на размислување може да доведе до развој на анксиозност и депресија.
- Постојаното преиспитување и стравот дека можеби сме избрале погрешно поттикнува незадоволство и ја намалува самодовербата, што резултира со одложување на обврските и општа неодлучност - вели психологот Патриша Диксон.
Во меѓучовечките односи, ФОБО може да го попречи личниот развој и поврзувањето со другите бидејќи личноста е постојано заглавена во сомнежите дали некој или нешто подобро може да се појави. Психолозите советуваат промена на начинот на размислување - прифаќање дека одлуките што ги носиме во даден момент се најдобри според околностите, дури и ако подоцна се појават алтернативни можности.
Некои дури препорачуваат едноставни методи како фрлање паричка за полесно донесување одлука или поставување лични правила што ќе го олеснат процесот на избор.
- За да се прекине овој циклус, клучно е да се изгради самодоверба и да се слуша сопствената интуиција. Често верувањето дека „некаде тревата е позелена“ е само илузија што нѐ одвлекува од вреднувањето на изборите што веќе сме ги направиле - вели Диксон.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik