X
 08.03.2019 Образование

Училиште во Лондон воведува 4-дневна работна недела

Едно од најдобрите државни училишта во источен Лондон ќе воведе 4,5-дневна работна недела за да ги усреќи вработените, да ја зголеми продуктивноста и да се справи со недостигот на наставници.

Учениците и наставниците во „Форест Гејт“, средно училиште во Њухам, од септември секој петок ќе можат порано да си одат од училиште.

Одлуката доаѓа откако компанијата „Перпетуал Гардијан“ од Нов Зеланд забележала зголемување од 20 отсто во продуктивноста на персоналот, а се покажало дека персоналот е и посреќен по воведувањето на четиридневна работна недела.

Училиштето, кое има извонредни резултати според Канцеларијата за стандарди во образованието, детските услуги и вештини, во петок ќе остане отворено до 17 часот за надгледување и разговори од говорници гости, но присуството не е задолжително.

uciliste london
Фото: Google Street View


Сајмон Елиот, директор на училиштето, не верува дека пократкото работно време негативно ќе влијае врз извонредните резултати на училиштето. Всушност, тој верува дека овој потег може да ја зголеми продуктивноста.

Од училиштето се надеваат дека 4,5-дневната работна недела ќе помогне да се намали работата на наставниците и ќе помогне во кризата со која се соочуваат училиштата поврзана со регрутирање на наставници.

Училиштето во Њухам, област каде што се присутни сиромаштија и банди, беше рангирано во првите 50 училишта на национално ниво за својот одличен резултат.

Наставниците од ова училиште од септември ќе имаат можност да завршат порано или да го поминат попладнето подобрувајќи ги своите часови на обуките за професионален развој.

-Кога сте доста успешно училиште со одлични резултати, не можете да се потпрете на вашите награди, секогаш морате да пронаоѓате начини да се подобрите. Овој потег го истражувавме долго време пред успешниот тест-период во Нов Зеланд и сега сме убедени дека ќе води до посреќно и попродуктивно училиште - изјави директорот.

-Убедени сме дека воведувањето пократок распоред нема да влијае врз нашиот капацитет да продолжиме да постигнуваме најдобри резултати во земјата. Напротив, веруваме дека посреќниот персонал, кој е под помал стрес, ќе се чувствува ценето, со што ќе се создаде уште подобра и попродуктивна средина за учење - додаде тој.

Персоналот ќе добие обука за да може соодветно да управува со пократкиот распоред пред да се воведе новата политика во септември. Платата, правото на одмор и бенефициите што ги добиваат наставниците ќе останат непроменети.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование