X
 27.07.2018 Образование

Србите поставуваат полицаец во секое училиште

Од септември секое училиште во Србија ќе има свој училишен полицаец поради што ќе мора да се вработат уште луѓе, а поголем број инспектори ќе има и во одделенијата за борба со наркоманијата.

Српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, истакна дека министерката за правда ветила дека ќе започнат законските измени со кои би се заостриле казните за продажба и уживање дрога.

Лончар додаде дека е договорен предлог на конкретни мерки кои мора да се воведат во наредниот период за да се реши проблемот со наркоманијата, кој станува сѐ поголем.

-Во тоа мораме да учествуваме сите. Тоа е проблем кој не може да се реши за шест месеци или за една година, подобрувањето може да биде дури за неколку години. Не постои една, две или три мерки кои можат да се применат и да дадат резултат, акцијата мора да биде сеопфатна - рече тој.

Според Лончар, планот кој е донесен предвидува запознавање на учениците со опасностите кои со себе ги носи дрогата, потоа измена на системот на вредности, обезбедување на бесплатни спортски и културни активности за децата и обука на родителите да препознаат промени во однесувањето на децата.

Тој нагласи дека е направен оперативен план за спроведување на програма за превенција и дека во 24 окрузи во Србија до крајот на месецот треба да бидат формирани тимови при институтите за јавно здравје.

Координатор за нивните активности ќе биде Институтот за јавно здравје „Батут“, кој ќе биде задолжен на секои три месеци да поднесе извештај до комисијата за тоа што се случува на терен.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование