X
 08.03.2021 Живот

Денот кога жените во Исланд одбиле да работат, да готват и да се грижат за децата

Тоа бил момент што го сменил начинот на кој жените почнале да се перципираат во оваа земја и момент што му помогнал на Исланд да стане водечка земја во борбата за еднаквост.

Кога Роналд Реган станал претседател на САД, едно момче во Исланд било шокирано.

- Тој не може да биде претседател - тој е машко! - ѝ рекло момчето на својата мајка кога ги слушнало вестите на телевизија.

Во ноември 1980 година Вигдис Финбогадотир, разведена, самохрана мајка, победи на претседателските избори во Исланд. Момчето не го знаело ова, но Вигдис била првата жена-претседател во Европа и првата жена во светот што била демократски избрана за водач на една држава.

Многу деца во Исланд пораснале претпоставувајќи дека претседателството е женска работа, со оглед на тоа што Вигдис останала на таа позиција 16 години, со што Исланд стана најфеминистичката земја во светот.

Но, Вигдис инсистира дека никогаш немаше да биде претседателка да не беше еден сончев ден - 24 октомври 1975 година - кога 90 отсто од жените во оваа земја решиле да ја покажат својата важност со штрајк.

Наместо да одат на работа, да извршуваат домашни работи или да се грижат за децата, илјадници жени излегле на улиците да ги бараат истите права како и мажите. Во Исланд овој настан е запаметен како „Слободниот ден за жените“, а Вигдис го смета за историска пресвртница.

- Она што се случи тој ден беше првиот чекор кон еманципација на жените во Исланд. Целосно ја парализираа земјата и тоа им ги отвори очите на многу мажи - вели таа.

Банките, фабриките и некои продавници морале да затворат, како и училиштата и градинките, па многу татковци немале друг избор освен да ги поведат своите деца на работат. Некои мажи се вооружуваа со слатки и боички за да забавуваат толпа премногу возбудени деца на нивните работни места.

- Слушавме како децата играат во заднина додека спикерите читаа вести на радио. Беше одлично да се слуша, знаејќи дека мажите мора да се грижат за сè - вели Вигдис.

Радиоводителите се јавувале во домаќинства во оддалечените области на земјата за да проценат колку жени во руралните области зеле слободен ден, па мажите што останале дома да чуваат деца често одговарале на телефон.

Протестот на централниот плоштад во Рејкјавик бил најголемиот од над 20. протести одржани низ целата земја.

prava

Вигдис, нејзината мајка и тригодишната ќерка биле во морето од 25.000 жени, кои се собрале да пеат и да слушаат говори и да разговараат за тоа што може да се направи. Имало огромен одѕив за остров со само 220.000 жители.

Вигдис во тоа време била уметнички директор на театарот во Рејкјавик, па ја напуштила генералната проба за да се приклучи на демонстрациите, како и нејзините колеги.

- Имаше огромна моќ во сето ова и големо чувство на солидарност и сила кај сите жени што стоеја на Плоштадот на сонцето - вели Вигдис. Дувачкиот оркестар отсвирил мелодија од серијата „Рамо до рамо“, телевизиска серија на Би-би-си за движењата на жените што се емитувала во Исланд истата година.

Жените во Исланд добиле право на глас пред повеќе од 100 години, во 1915 година, а пред нив тоа го направиле Нов Зеланд и Финска. Но, во наредните 60 години само 9 жени освоиле место во парламентот. Во 1975 година имало само 3 жени во парламентот или само 5 отсто, во споредба со 16 отсто до 23 отсто во другите нордиски земји и ова бил главен извор на фрустрација.

Идејата за штрајк првпат била предложена од „Црвените чорапи“, радикално женско движење основано во 1970 година, но за некои Исланѓани се чинело премногу конфликтно.

- Движењето „Црвените чорапи“ предизвика огромна вознемиреност напаѓајќи ги традиционалните сфаќања на жените - особено кај постарите генерации жени што се обидуваа да ја совладаат уметноста на совршената домаќинка - вели Рагнејдур Кристијансдотир, професорка по историја на Универзитетот во Исланд.

Но, кога штрајкот бил преименуван во „Слободен ден за жените“, тој обезбедил речиси универзална поддршка, вклучително и солидна поддршка од синдикатот.

- Програмата на настаните го одразуваше акцентот ставен на обединување на жените од сите социјални и политички средини - вели Рагнејдур.

Право на глас за жените во светот

Исланд не е првата земја што им дала право на глас на жените, но далеку е понапред од другите.

1893 година Нов Зеланд

1902 година Австралија

1906 година Финска

1913 година Норвешка

1917 година Советскиот Сојуз

1918 година Канада, Германија, Австрија, Полска

1919 година Чехословачка

1920 САД и Унгарија

1928 Обединетото Кралство (ограничено право од 1918 година)

1971 година Швајцарија

Меѓу говорниците на протестот во Рејкјавик биле домаќинка, две пратенички во парламентот, претставничка на женското движење и една работничка.

3

Завршниот говор го одржала Адалхејдур Бјарнфредсдотир, лидерка на синдикатот на жени кои чистеле и работеле во кујни и пералници во болници и училишта.

- Не беше навикната на јавни настапи, но таа се прослави со овој говор затоа што беше толку моќен и инспиративен - вели Адур Стиркарсдотир, директорка на исландскиот архив на женската историја. - Таа подоцна стана член на парламентот - додава таа.

Непосредно пред настанот организаторите успеале да ги придобијат радиото, телевизијата и националните весници да објават сторија за слабо платените професии на жените и родовата дискриминација. Приказната го привлекла и вниманието на меѓународната јавност.

Како се чувствувале мажите?

- Мислам дека на почетокот мислеа дека е смешно, но не се сеќавам дека некој од нив беше лут. Мажите сфатија дека ако се спротивстават на тоа или одбијат да им дадат слободен ден на жените, ќе ја изгубат популарноста - вели Вигдис.

Имало само еден или два извештаи за мажи што се бунеле и не одобрувале. Сопругот на една од главните говорнички, наводно, бил прашан од негов колега: - Зошто ѝ дозволувате на вашата жена да вреска вака на јавно место? Јас никогаш не би ѝ дозволил на сопругата да го стори тоа, на што тој му одговорил: - Таа не е жена која некогаш би се омажила за маж како тебе.

Стармир Гунарсон бил еден од главните уредници на конзервативниот весник „Моргунбладид“ во тоа време, но немал забелешки на идејата.

- Не мислам дека некогаш сум поддржал штрајк, но не ја видов оваа акција како штрајк - вели тој.

- Тоа беше барање за еднакви права - тоа беше позитивен настан.

Ниту една жена не работела во весникот тој ден. Како што се сеќава, никоја од нив не останала без плата или не била обврзана да земе ден од годишниот одмор, а се вратиле на полноќ да помогнат да се заврши весникот. Тоа издание било пократко од вообичаеното - 16 наместо 24 страници.

- Веројатно повеќето луѓе го потценија влијанието што го имаше тој ден. Подоцна и мажите и жените почнаа да сфаќаат дека тоа беше историски момент - вели тој.

Тој посочува дека отсекогаш имало силни жени во Исланд - нешто што е видливо во исландските саги.

- Нашата историја е во нашата крв, а животот беше тежок во Исланд со векови. Оние што преживеаја мораа да бидат многу силни - вели Стамир.

Слободниот ден за жените во Исланд генерално се смета за клучен момент, иако некои членови на „Црвените чорапи“ сметаат дека е пропуштена можност - пријатна забава што не променила ништо.

4

Вигдис не се согласува со тоа.

- Работите се вратија во нормала следниот ден, но со знаење дека и жените се столбови на општеството. Толку многу компании и институции мораа да ја прекинат работата, што се покажа силата и неопходноста на жените - тоа целосно го смени начинот на размислување - вели таа.

Пет години подоцна Вигдис порази тројца машки кандидати на претседателските избори. Таа стана толку популарна, што беше реизбрана во следните два изборни циклуси.

Следувале други важни настани. Кандидатските листи составени исклучиво од жени се појавиле на парламентарните избори во 1983 година, а истовремено новата партија „Алијанса на жени“ ги освоила своите први места во парламентот. Во 2000 година беше воведено и платено родителско отсуство за мажи, а во 2010 година земјата ја доби премиерката Јохана Сигурдардотир - првиот лидер хомосексуалец на една земја. Стриптиз-клубовите беа забранети истата година.

Садија Захиди, шефица на родовата иницијатива во Светскиот економски форум, вели дека во Исланд уште има работа.

- Иако сѐ поголем број жени се запишуваат на универзитет, сѐ уште постои родов јаз на работното место. Жените и мажите се речиси еднакво застапени во работната сила. Всушност, жените сочинуваат мнозинство на сите стручни позиции - но, сочинуваат околу 40 отсто од лидерските позиции и заработуваат помалку од мажите за слични работни места - вели Садија.

Но, Исланд е на врвот кога станува збор за родовата еднаквост и ако во време на слободниот ден само 3 од вкупно 63 пратеници биле жени, сега се 28 или 44 отсто.

- Ние во Исланд знаеме да кажеме: „Чекорите брзо се исполнуваат со снег“, што значи дека луѓето честопати го забораваат минатото. Но, ние и ден-денес зборуваме за тој слободен ден - беше величествено - вели Вигдис.

Извор: BBC
Фотографии: Women's History Archives
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот