Водечкиот американски епидемиолог д-р Ентони Фаучи објаснува кога е безбедно да се отстрани маската во друштво за време на пандемија.
Како што вели тој, во ред е да ја тргнете
маската ако сте ги примиле сите дози на вакцината и ако сте во друштво на луѓе што ги примиле сите дози. Центрите за контрола на болести во САД подготвуваат упатства за вакцинирани лица кои ќе им укажат што можат безбедно да прават. Овие упатства ќе ги продолжат препораките луѓето да ги ограничуваат домашните собири и тоа само со вакцинирани лица и да продолжат со другите јавно-здравствени мерки, како што се носење маски и физичко дистанцирање.
Откако ќе ја примите вакцината, се препорачува да носите маски во јавноста и да продолжите да практикувате физичко дистанцирање.
- Ако сте вакцинирани и ако сте со некој што исто така е вакцинира, можете да бидете многу послободни што се однесува до мерката - вели д-р Фаучи.
- Ќе земам пример дека нечија ќерка дошла од друг град и ги примила двете дози, а истото го направиле и нејзините родители и нивните соседи. Тие би можеле да се соберат затоа што ризикот од ширење на коронавирусот е толку мал, што би можеле да се дружат без маски - вели Фаучи.
Фаучи предупредува и за дружење со луѓе кои не се вакцинирани. Тој даде пример за нечија баба која е вакцинирана, а дошла во посета на нејзините невакцинирани членови на семејството.
- Ако едниот од нив е заразен од вирусот, кај бабата сè уште може да влезе вирусот во назофаринксот. Иако вакцината ќе ја штити и нема да се разболи, вирусот може да се прошири и да зарази луѓе што не се вакцинирани - објаснува тој.
Фаучи додаде дека тој почнал да кани гости на домашни забави откако ги примил двете дози. Сепак, тој внимава сите лица да се вакцинирани и вели дека тој не јаде во ресторани и дека во јавноста и понатаму носи маска.
Фото: Freepik