Европските институции во вторникот постигнаа договор за општа регулатива за безбедност, според која, сите нови возила ќе треба да имаат вградени нови безбедносни технологии за да ги заштитат сите учесници во сообраќајот.
Новите технологии треба да го намалат бројот на повреди и смртни случаи, од кои 90 отсто се предизвикани од човечка грешка. Некои од новите безбедносни карактеристики веќе постојат и се инсталирани во возила од повеќе категории, а сега треба да станат задолжителни за сите.
Регулативата вели дека сите автомобили, комбиња, камиони и автобуси треба да имаат системи за предупредување на возачот во случај на поспаност и забава, на пример, употреба на паметен телефон при возење, интелигентни системи за помош за брзината, безбедносен систем за враќање во рикверц со помош на камера или сензори и уред за снимање податоци во случај на несреќа („црна кутија“).
Автомобилите и комбињата ќе мора да имаат системи за задржување во сообраќајната лента, напредно кочење во случај на опасност и безбедносни појаси кои се подобрени врз основа на тестовите за несреќа.
Камионите и автобусите ќе имаат системи за подобрување на видливоста на возачите и системи на предната страна и од страна на возилото за откривање и предупредување на незаштитените учесници во сообраќајот на патиштата, особено кога камионите вртат.
Новата регулатива сега и формално треба да ја потврдат Советот на ЕУ и Парламентот. Новите безбедносни системи ќе станат задолжителни од 2022 година, со исклучок на барањето за директна видливост на камионите и автобусите и зголемена област за заштита од удар, што ќе се воведе подоцна поради неопходните структурни промени.
Според процените на Комисијата, новите безбедносни мерки би можеле да спасат повеќе од 25.000 животи до 2038 година и да спречат најмалку 140.000 сериозни повреди.
Новите напредни безбедносни системи нема да ги штитат само луѓето на европските патишта, туку ќе им помогнат на возачите постепено да се навикнат на новите системи за помош при возење. Сè поголемото ниво на автоматизација има значителен потенцијал за корекција на човечките грешки и нуди нови решенија за мобилност за постарите луѓе и луѓето со телесна попреченост. Сето ова треба да ја зголеми довербата на јавноста, да предизвика полесно прифаќање на автоматизираните автомобили и да ја поддржи транзицијата кон
автономното возење, вели Комисијата.