Босанските просветни инспектори при контрола на факултетите утврдиле дека едно лице немало диплома ниту за завршено основно образование, додека осуммина немале регуларно завршено средно, пренесуваат тамошните медиуми.
Босанските инспектори лани биле во повеќе од сто контроли на установи за високо образование и во 20 од нив биле пронајдени одредени неправилности.
- Минатата година имаше 9 случаи во кои со увид во документацијата и евиденцијата на воспитно-образовните установи каде што наводно била стекната дипломата е утврдено дека не постојат податоци за лицето на чие име гласи дипломата - истакнале од тамошниот инспекторат.
Тие додале дека станува збор за една диплома за основно и 8 дипломи за средно образование.
Кога станува збор за проверките на законитоста на стекнувањето дипломи на установите за високо образование во Република Српска, инспекторите ги вршеле контролите по барање на установите.
- Доколку дипломата е стекната во Република Српска, во согласност со законот и дадените овластувања, Просветната инспекција со увид во документацијата контролира дали евиденцијата се води уредно, а доколку станува збор за установи надвор од Република Српска, барањето се упатува до надлежните органи каде што е стекната - објасниле од Инспекторатот.
Од Универзитетот во Бања Лука за „Независне новине“ рекле дека сите дипломи што ги издал Универзитетот се уредни.
Извор:
Nezavisne novine
Фото: Freepik