X
 10.12.2022 Наша тема

Метро има само во Атина и Софија - автобусот е главно превозно средство во престолнините во регионот

Поголемиот дел од земјите во регионот имаат јавен превоз кој се состои само од автобуси на приватни и државни превозници. Во некои градови, како Сараево и Загреб, има и трамвај и тролејбуси. Еве каков е јавниот превоз во земјите од регионот.

Албанија

Во Албанија јавниот превоз се состои од автобуси. Има приватни и државни компании кои ги оперираат автобуските линии во главниот град, Тирана. Околу 200.000 луѓе, од околу половина милион жители во Тирана, го користат јавниот превоз во градот. Јавниот превоз е бесплатен за деца на возраст под 7 години. Низ земјата се користат и приватни минибуси и комбиња што возат низ Тирана и меѓу градовите.

Косово

Јавниот превоз во Приштина се состои од автобуски линии, од кои дел се покриени од приватни оператори, а дел од државната компанија. Има планови за изградба на линија за трамвај во градот, како и железничка линија која ќе го поврзува градот со аеродромот.

Босна и Херцеговина

Главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, има трамвај, тролејбус, автобуси, како и мрежа на минибуси. Во Мостар јавниот превоз се состои од автобуси. Има 26 автобуски линии за градот и надвор од градот. Во Бања Лука има повеќе автобуски компании кои оперираат 22 градски и 30 приградски автобуски линии.


Фото: Pixabay

Хрватска

Јавниот превоз во поголемите градови во Хрватска најчесто се состои од автобуси. Во Загреб и во Осиек има и трамвај, иако трамвајските линии во Загреб се многу подолги од оние во Осиек.

Словенија

Во главниот град на Словенија, Љубљана, има автобуски линии, од кои дел ги возат автобуси кои се на метан. Градот планира да ги замени сите стари автобуси со еколошки. Од 2014 година со јавните автобуси може да се пренесуваат и велосипеди.

Македонија

Во нашата земја јавниот превоз се состои од автобуси. Во главниот град, ЈСП Скопје го извршува превозот на патниците како јавен превозник. Во минатото, при крајот на XIX и почетокот на XX век постоел трамвајски превоз. Во декември 2018 година повторно била актуализирана идејата за трамвајски превоз од тогашниот градоначалник, а вакви идеи најавувале и биле правени студии за изградба на шински превоз, иако ниту една иницијатива досега нема конечна изградба.

Србија

Јавниот превоз е еден од најпрактичните начини за движење низ главниот град на Србија поради значителната површина што ја покрива градот. Така, низ Белград можете да се движите со автобус, трамвај, тролејбус или „БГ“ воз. Исто така, во Белград има и експерсни линии со минибус кои нудат поскап, но поудобен и побрз превоз. Во Белград има повеќе од 100 автобуски и 10 трамвајски линии.

Бугарија

Јавниот превоз во главниот град на Бугарија се состои од сеопфатна мрежа на автобуси, тролејбуси, трамваи и метро. Превозот го надгледува Центарот за урбана мобилност во Софија, општинско претпријатие одговорно за планирање, распоред, наплата и проверка на билетите. Софија е единствениот град во Бугарија кој оперира со овие четири начини на јавен превоз.

Фото: metrosofia.com

Црна Гора

Јавната транспортна мрежа во Подгорица се состои од 11 градски и 16 приградски автобуски линии. Фирмата која беше во сопственост на градот отиде во стечај во 2001 година, па денес со јавниот превоз стопанисува фирмата Градски сообраќај ПГ. Просечната старост на автобусите е 19 години. Автобусите сообраќаат често во центарот, но не толку често во пошироката област.

Грција

Јавниот превоз во Грција се состои од јавни автобуси. Конкретно, во Солун со овие автобуси раководи Солунската урбана транспортна организација, компанија за масовен транспорт во Солун. Во главниот град, Атина, граѓаните имаат можност да патуваат со метро кое има 3 линии, автобуси и тролејбуси, како и трамвај кој има две линии. Помалите градови и села имаат дневни автобуски линии и обично има автобуски постојки на плоштадите.

Извор: Bascoagency.com | Jsp.com.mk  | Wikipedia  | Getbybus.com | ThisisAthens.com
Подготвил: Драгана Петрушевска/Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема