Минималната заработка во Црна Гора од 193 евра е најмала во регионот, според податоците на Даночната управа од земјата. Во Босна и Херцеговина, пак, минималната просечна месечна заработка е 406 конвертибилни марки, што значи околу 200 евра.
Поголем износ на минимална заработка има во Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово, но кај овие земји помала е официјалната просечна заработка. Во регионот, минималната заработка изнесува од 45 до 53 проценти просечна заработка, а во Црна Гора 37 проценти.
Во нашата земја минималната заработка е 196 евра, додека просечната 378 евра, во Босна и Херцеговина минималната е 208, додека просечната заработка е 438 евра. Во Србија, минималната заработка е 213, а просечната заработка 403 евра. Во Хрватска, минималната заработка изнесува 366 евра, а просечна 812, додека во Словенија минималната заработка е 614 евра, а просечна 1.151. Косово, пак, на крајот од минатата година прифати минималната заработка за оваа година да биде 250 евра.
Според последните податоци на Даночната управа, на минималната заработка во Црна Гора се пријавени 170.000 вработени лица, што е нешто помалку од 10 проценти од вкупниот број работници.
Се смета дека работодавците намерно ги пријавуваат работниците само на минимална заработка за да заштедат на даноци и на плаќањето придонеси, а разликата во нето-заработката му ја доделуваат на работникот директно „на рака“.
Износот на минималната заработка во Црна Гора е утврден уште во 2013 година, а најновото барање за нејзино зголемување на 50 проценти од просечната плата е покренато во јули минатата година кај Социјалниот совет.