X
 08.03.2024 Образование

Полска е меѓу најдобрите на ПИСА-тестирањето и одлучи сериозно да го скрати училишниот материјал

Новата полска влада сака да ја намали училишната програма за околу 20 отсто, сметајќи дека наставниците и учениците се преоптоварени со обемна наставна програма.

Барбара Новачка, министерка за образование на Полска, вели дека се консултирала со експерти за тоа како да се намали наставната програма, која во средните училишта ќе почне да се спроведува следната учебна година.

Намалувањето на материјалот ќе им овозможи на наставниците и учениците посмирено и подетално да го обработуваат, што би резултирало со поефикасно образование - соопштија од министерството.

Над просекот на ПИСА-тестирањето

Во текот на изминатите 20 години полските ученици постигнаа напредок на ПИСА-тестирањата, а според најновите резултати од програмата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која ги оценува знаењата и вештините во математиката, читањето и природните науки, Полска е над просекот.

Оваа земја заедно со Финска забележа најдобар резултат меѓу земјите на Европската Унија според Индексот на писменост, кој го оценува читањето со разбирање.

Меѓутоа, на тестот во 2022 година полските студенти постигнаа полоши резултати отколку во 2018 година, а како причина се наведуваат воведените реформи спроведени од владата на партијата „Право и правда“.

Заменик-директорот на образовниот истражувачки институт, Томаш Гајдерович, рече дека во изминатите две децении Полска забележа едно од најбрзите подобрувања во историјата на ПИСА-рангирањето, но дека од 2018 година резултатите се влошени.

- Училиштата се борат со спроведување на зацртаната наставна програма за време на задолжителното општо образование, кое владата на партијата „Право и правда“ го скрати од девет на осум години, а има сериозни проблеми и со благосостојбата на наставниците и учениците - рече Гајдерович.

Извор: Zelenaucionica.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование