На Универзитетот „Џон Хопкинс“ во одредени докторски програми бројот на домашни студенти црнци или од шпанско потекло е многу мал. Двајца по математика, заклучно со 2019 година, четири по компјутерски науки, пет по електроинжеренство.
Во секој случај, вкупниот број, добиен од универзитетските податоци, изнесува не повеќе од 5 отсто од сите докторанди на „Хопкинс“ во тие области. Тоа е пример за недоволна застапеност на некои малцински групи во програмите за докторски студии не само на „Хопкинс“, туку и во високото образование воопшто.
Сега, поради донацијата од 150 милиони долари од Мајк Блумберг, приватниот истражувачки универзитет со седиште во Балтимор планира да го прошири пристапот до докторските програми во науката, технологијата, инженерството и математиката. Со парите ќе се финансира иницијатива за регрутирање и развој на таленти насочена кон студенти од СТЕМ-полињата од историски црнечки колеџи и други институции што служат за малцинства.
Донацијата е најнова од милијардерот Блумберг за „Хопкинс“, со што досега му донирал 3,55 милијарди американски долари на овој универзитет. Ниту еден филантроп, според експертите за овие работи, не дал повеќе на ниту еден универзитет во САД. Во 2018 година Блумберг му дал на „Хопкинс“ 1,8 милијарда долари за студентска парична помош.
Претседателот на „Хопкинс“, Роналд Џ. Даниелс, вели дека новиот подарок ќе му овозможи на универзитетот да се справи со впечатливата и постојана нееднаквост меѓу дипломците. Со генерации, докторските програми, особено во науката и инженерството, заостануваат во регрутирањето црни, шпански и домородно американски студенти.
- Во последните 20 и нешто години, извештај по извештај, комитет по комитет се жалеше на немање напредок - вели Даниелс.
Блумберг дипломирал на „Хопкинс“ во 1964 година во полето на електротехниката.
- СТЕМ-полињата играат сè поважна улога во развојот на иновативни решенија за широк спектар на итни предизвици, но сепак СТЕМ-докторските програми не ја одразуваат широката разновидност на нашата земја. Значи, создавањето поеднакви можности за повеќе студенти е клучно за иднината на нашата земја на многу начини - вели Блумберг.
Од 2020 година „Хопкинс“ имаше 2.343 студенти на докторски студии во повеќе од 30 СТЕМ-програми. 41 отсто од нив биле меѓународни студенти. Околу 11 отсто, или 266, биле американски државјани или постојани жители кои се идентификувале како Црнци, Афроамериканци, Шпанци, Американци, Индијанци, Хавајци или жители на Алјаска. Преостанатите се идентификувани како бели или азиски Американци.
Со донацијата „Хопкинс“ планира да создаде околу 100 нови места за студентите што добиле диплома од историски црнечки колеџи и универзитети и стотици други училишта кои го исполнуваат федералниот стандард за назначување како институции што служат за малцинства.
Оние што ќе ги пополнат новите места, почнувајќи од есента 2022 година, ќе бидат познати како „Вивиен Томас“ студенти. Универзитетот изјави дека со името му оддава почест на еден црн научник кој бил пионер во болницата „Џон Хопкинс“ во 40-тите години, во развојот на кардиохируршката техника наречена шант Блалок-Таусиг, за олеснување на оксигенацијата на крвта кај одредени новороденчиња што страдаат од синдромот „сино бебе“.
Томас пораснал на Југот во ерата на Џим Кроу и никогаш не бил во можност да се запише на медицина. Универзитетот
„Џон Хопкинс“ му доделил почесен докторат во 1976 година и тој бил именуван за инструктор по хирургија на Медицинскиот факултет при „Хопкинс“.
Донацијата од Блумберг ќе финансира шест години целосна школарина, здравствено осигурување, стипендија и патувања за секој од научниците. Освен тоа, „Хопкинс“ ќе ја искористи донацијата за здружување со колеџи и универзитети за да обезбеди можности за истражување и менторство за ветувачки додипломци чиј интерес се науката и инженерството.