Антибактериските сапуни што ја содржат хемикалијата триклосан не се поефикасни во отстранувањето на бактериите од обичните сапуни, открива ново истражување.
Ова го покренува прашањето за неопходноста од користењето на оваа хемикалија, која е означена како потенцијално опасна, во антибактериските сапуни. Пазарот на антибактериски сапуни е многу стабилен и развиен и вреди милијарда долари годишно, а тоа е податок само за САД. Најраспространетиот антисептик кој се користи во овие сапуни, триклосан, е поврзан со антибиотската резистентност, со алергии и мешање во хормонскиот систем кај цицачите. Загрижувачки е тоа што една студија докажала дека триклосанот е потенцијално канцероген. Овие потенцијално опасни ефекти ја навеле американската Администрација за храна и лекови подобро да ги истражи овие сапуни и, доколку е можно, да ги забрани.
Ова истражување, објавено во списанието „Журнал за антимикробна хемотерапија“, го истражуваше ефектот на антибактерискиот сапун врз 20 опасни бактерии, како што се ешерихија коли, листерија моноцитогенес и салмонела ентеритидис.
Научниците ја сместиле бактеријата во Петриеви садови со антибактериски или со обичен сапун. Потоа ги загревале тие садови на 22 или 40 °C за 20 секунди, што претставувало симулација на изложеност на топла и жешка вода. Потоа го тестирале антибактерискиот сапун во реалниот живот. Волонтерите дозволиле нивните раце да се покријат со бактеријата сератија марцесценс (вид кој често се среќава во бањите) и од нив било побарано да ги мијат рацете околу триесет секунди користејќи обичен сапун или антибактериски сапун што содржи 0,3% триклосан, максимално дозволена количина во производите во ЕУ, Канада, Австралија, Кина и Јапонија.
Откако не успеале да најдат разлика во ефективноста помеѓу сапуните во овој поглед, научниците сакале да утврдат колку триклосан е потребен за да се убијат бактериите. Користејќи ја истата концентрација како порано, тие докажале дека е ефикасен само откако микроорганизмите биле потопени во него повеќе од девет часа. Научниците посочуваат дека луѓето што купуваат антибактериски сапун треба да бидат предупредени дека можеби нема да биде толку ефикасен како што се тврди при нормално миење на рацете.
Извор: Geek.hr
Фото: Freepik