За да најдат храна во темнината, китовите што нуркаат длабоко се потпираат на нивниот вграден сонар, кој ги одбива звучните бранови од потенцијалниот плен за да ја открие неговата локација. Но, за овие китови, пластичните отпадоци што пловат во океанот исто така може да „звучат“ како вкусни лигни.
Една нова студија посочува дека пластичните остатоци, како најлонските кеси, имаат неверојатно слично „ехо“ како лигните - веројатно поради некоја комбинација на нивната форма, големина, степен на атмосферски влијанија и хемиски состав, пишуваат авторите. Процените се различни, но веројатно милиони метрички тони пластика влегуваат во светските океани секоја година.
Како што навлегува во морските средини, пластиката се појавува и во цревата на морските цицачи, оштетувајќи ги нивните стомачни ткива и предизвикувајќи инфекција, задушување и неухранетост.
-Изгледа дека одредени животни се речиси неспособни да не јадат пластика во океанот. Тоа не е затоа што се глупави, туку затоа што пластиката е многу збунувачка за еден куп различни сетилни канали - вели Метју Савока, истражувач во „Нешенл џиографик“ и морски биолог од Универзитетот „Стенфорд“, кој не бил вклучен во студијата.
Некои студии покажуваат дека на морските желки, пластичните кеси во водата може да им изгледаат слично на храна, на пример, медуза или лигни. Други истражувања посочуваат дека ајкулите и рибите може да ја помешаат пластиката со плен поради визуелните знаци.
- Започнува како еден клик. Но, кога китот влегува подлабоко во водата, кликовите стануваат многу брзи, се спојуваат и звукот повеќе наликува на зуење - вели водачот на студијата Грег Мерил, докторанд на Универзитетот „Дјук“.
За студијата, објавена во „Марин полушн булетин“, Мерил и неговите колеги собрале девет пластични предмети: кеси, балони и други вообичаени отпадоци пронајдени во цревата на китови од плажите во Северна Каролина.
Извор: nationalgeographic.com
Фото: Freepik