Државната телевизија на Северна Кореја ги изненади сите кога емитуваше вести на кои првпат се појави млада водителка. Освен тоа имало 3Д-графичка содржина, тајмлепс-видео и анкетирани луѓе на улица.
Ова било големо изненадување за сите со оглед на тоа што КСТВ, без оглед на напредокот на технологијата во светот, е позната по тоа што нема никакви модерни технолошки содржини, а на вестите со децении е еден ист водител кој само чита вести, додека зад него има слика од природа или сина боја. Исто така, новинарите никогаш не излегувале на улиците и не ги снимале граѓаните, доколку тоа не е однапред договорено.
Фото: Depositphotos / flogeljiri
Модернизацијата траела само еден ден, па државната телевизија се вратила на старото. Мартин Вилијамс, експерт за технологија во Северна Кореја, вели дека со анализа на причините што стојат зад овој потег, телевизијата официјално нема конкуренција бидејќи луѓето немаат кабелска или сателитска телевизија и повеќето имаат само еден канал, но неофицијално имаат голема конкуренција.
- Доста информации пристигнуваат преку море, на УСБ-стикови и СД-картички и тие носат американски и кинески филмови. Телевизијата сфати дека мора да воведе иновации и да биде поинтересна ако сака да го задржи вниманието на народот - изјави тој.
Беше забележано и дека КСТВ станала поажурна во известувањето. Додека претходно за објавување вести им биле потребни два дена, сега вестите се објавуваат истиот ден кога ќе се случи настанот. Еден од примерите е патувањето на Ким Јонг-ун во Виетнам за да се сретне со Доналд Трамп.
- Ова беше сосема неочекувано за оваа телевизија и претпоставувам дека причината за тоа е што сè повеќе луѓе ги слушаат странските радиостаници, па Северна Кореја мора да излезе од своите граници и да има свои ставови за известувања пред тие да дојдат до граѓаните од други канали - смета Вилијамс.
Во текот на самитот Ким-Трамп во
фокусот биле обичните луѓе наместо досегашната практика, која во фокусот ја ставала идеологијата. Така, телевизијата известувала за жени во козметички фабрики, студенти кои покажуваат нови мобилни телефон и персоналот во пица-ресторан.