X
 14.06.2018 Живот

„Made in China“ е лага - еве чија облека носиме

Кинеските текстилни компании сѐ повеќе користат фабрики надвор од нивните граници за да искористат евтина работна сила, на ист начин како што Западот го прави тоа со Кина.

Но всушност тие го лажат пазарот - бидејќи на облеката ја ставаат препознатливата етикета „Made in China“, а наместо тие, стоката ја произведуваат работници во Северна Кореја.

Кинезите сѐ повеќе ги користат фабриките, трговците и бизнисите во пограничниот град Дандонг, а потоа стоката направена таму ја пласираат во светот како направена од нив.

Користењето на Северна Кореја за производство на поевтина облека покажува дека и покрај санкциите на ОН, Ким Јонг-ун успева да се снајде со помош на „пријатели“.

Санкциите за нуклеарната програма на Северна Кореја не се однесуваат на забрана за извоз на текстил.

- Добиваме нарачки од целиот свет - открива корејско-кинески бизнисмен од Дандонг, град низ кој се одвива трговијата на Северна Кореја.

Во Дандонг работат дваесетина агенти, посредници меѓу кинеските набавувачи и клиенти од Америка, Европа, Јапонија, Јужна Кореја, Канада и од Русија.

- Често, крајниот купувач не знае дека стоката се произведува во Северна Кореја - вели извор.

Текстилот е втора најголема ставка во извозот на Северна Кореја, по јагленот и другите минерали, а заработката од извезените текстилни производи изнесува околу 752 милиони долари во 2016 година.

Последните санкции на ОН целосно го забранија извозот на јаглен, така што Северна Кореја навистина мора да се снајде, и очигледно се потпира на Кина за нејзиниот економски опстанок.

Извозот на Кина се зголеми за 30 отсто, или 1,67 милијарда долари во првата половина од годината, а главно се состоел од ткаенини и други суровини од кои се произведува готовиот производ за пазарот во Северна Кореја.

Австралискиот спортски бренд „Рип Крл“ минатата година јавно се извини кога беше откриено дека дел од неговата ски-опрема, означена како „Мade in China“, била направена во Северна Кореја.

Производителите заштедуваат до 75 отсто со тоа што облеката ја прават во Северна Кореја, вели еден кинески трговец.

Некои од фабриките во Северна Кореја се наоѓаат во градот Синиују, а други се наоѓаат во околината на Пјонгјанг. Завршената облека обично се испраќа директно до кинеските пристаништа, каде што е препакувана и испратена понатаму на пристаништата низ светот.

Производството на текстил во Северна Кореја било високо развиено во 70-тите години, кога првите холандски компании почнале да тргуваат со Кореја. Иако оттогаш производството доживеало пад, во последниве години повторно почна да расте. Месечната плата на севернокорејски работник во текстилната индустрија е околу 80 долари, што значи дека производството е за дури 30 отсто поевтино отколку во Кина.

Покрај тоа, севернокорејските работници можат да произведат 30 отсто повеќе облека секој ден отколку кинеските работници. Причината за тоа е експлоатацијата. Во фабриките во Северна Кореја работниците не одат во тоалет кога сакаат да одат, затоа што ќе ја забават целата линија. Поради оваа причина, постојат пропишани паузи за веце што секој треба да ги почитува.

Дополнителна причина зошто севернокорејските работници се толку продуктивни е нивното убедување дека работат за благосостојбата на нивната земја, а не за платите. Тие веруваат дека тоа го прават за нивниот лидер и за подобро утре, а нивните плати се разликуваат од оние во другите азиски земји.

На пример, во Северна Корејa минималната плата е 75 долари месечно, просечната е 160 долари месечно, а Кина има просечна фабричка плата од 450 до 750 долари месечно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот