X
 08.04.2020 Живот

Најголемиот биодиверзитетски остров доби 60 милиони дрвја за својот 60. роденден

За да го прослави својот 60. роденден, Мадагаскар ја одржа својата најголема церемонија на засадување дрвја во период од неколку часа. Земјата се подготвува да засади милион дрвја за секоја година од својата шестдецениска историја.

- Владата стои пред предизвик: да го направи Мадагаскар повторно зелен остров. Ги охрабрувам луѓето да ја штитат животната средина и повторно да ги пошумуваат шумите во корист на идните генерации - изјави претседателот Енди Рахоелина на настанот.

Кампањата доаѓа по една година од изборот на Рахоелина, кога тој вети дека повторно ќе го зазелени Мадагаскар. Станува збор за кулминација на неколкумесечната напорна работа од страна на многу организации: училишта, невладини организации, владини министерства, па дури и армијата.

Некои официјални претставници што го поддржуваат овој проект се загрижени дека организациите нема да престигнат да ги проверат дрвјата и да обезбедат нивен опстанок понатаму, но министерот за животна средина на Мадагаскар вети дека ќе обезбеди поддршка.

madagaskar
Фото: Pixabay

- Овој пат акцијата ќе биде континуирана и ќе има продолжение. Државата ќе регрутира чувари за да ги следат и заштитат младите дрвја - велат од министерството за животна средина.

Мадагаскар е најстариот остров на светот и земја со неспоредлив биодиверзитет, но често се оценува како една од најлошите нации што ги уништува шумите. 40 отсто од шумите биле изгубени од 1940 година наваму. Повеќето рурални населенија не можат да заработат пари од уникатниот шумски систем, така што дрвјата се првата жртва кога жителите мора да заработат за живот.

Токму затоа министерството за животна средина во соработка со партнерите засадува дрвја што даваат овошје и зачини, кои подоцна можат да се соберат за извоз.

Неодамнешните движења се насочија кон образованието, владината заштита на земјиштето и обука на руралните заедници. Сите тие помогнаа во забавувањето на уништувањето на шумите и егзотичните популации на диви животни, како што се 100 вида лемури.

Но, потребно е ригорозно пошумување за поддршка на овие егзотични животни.

Извор: Good News Network
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот