X
 08.04.2024 Живот

Во Европа се шверцуваат гасови кои ја затоплуваат климата

Големи количества гасови кои се употребуваат за ладење и ја затоплуваат климата, од Кина и Турција илегално се шверцуваат во Европа, што го поткопува глобалниот пакт за нивно постепено укинување, се вели во извештајот на Агенцијата за истражување на животната средина (ЕИА) со седиште во Лондон.

Гасовите се хидрофлуоројаглеводороди (HFC), низа хемикалии кои главно се користат за ладење во индустријата и малопродажбата, кои не ја оштетуваат озонската обвивка како другите забранети средства за ладење, но како стакленички гасови можат да бидат неколку илјади пати посилни од јаглеродниот диоксид.

И покрај обврските за намалување на употребата на HFC, агенциите за спроведување на законот во Европската Унија се трудат да ги следат илегалните пратки што влегуваат преку Турција, Русија или Украина, а шверцерите прибегнуваат кон сè пософистицирани тактики за да избегнат откривање, објави ЕИА по две години тајна истрага.

- Сè уште е прилично лесно да се најдат нелегални HFC на европскиот пазар. Постојат знаци дека трговците ги приспособуваат своите методи, стануваат малку попаметни во обидот да ги избегнат властите - рече Фин Валравенс од ЕИА. 

Ако можете да шверцувате гас кој најмногу загадува, всушност, ќе добиете најмногу пари, се додава во текстот.

Како дел од амандманот од Кигали на Монтреалскиот протокол од 2016 година, европските и другите индустријализирани земји се обврзаа да ја намалат употребата на HFC за 85 проценти од 2012 до 2036 година. За да дојде до постепено намалување, на овластените производители и потрошувачи на HFC им се доделени квоти кои постепено се намалуваат.

Но, бидејќи побарувачката е сè уште голема, постепеното намалување ги зголеми цените, создавајќи поттик за шверцерите, од кои многумина се и овластени трговци, да стават на располагање поголема понуда, се вели во извештајот.

- Многу е полесно ако имате лиценца само да ја надминете вашата квота: тоа е многу тешко да се докаже. Целта на етапното намалување е да се поскапат HFC и луѓето да се натераат да мислат дека алтернативите се подобри и поисплатливи, но ако има нелегална трговија и се продава по половина од цената, целиот систем се распаѓа - рече Валравенс.

Истрагата за ЕИА од 2021 година покажа дека нелегалните HFC шверцувани во Европа може да изнесуваат 20 до 30 проценти од обемот на легалната трговија, што е еквивалентно на до 30 милиони тони CO2. Новиот извештај не дава ревидирана процена, но Валравенс рече дека многу малку се променило.

Кина е најголемиот светски производител на HFC со 39 овластени производители кои добија дозволи за производство еквивалентни на 185 милиони тони CO2 оваа година. Во декември беа издадени нови правила за казнување на компаниите што ги надминуваат нивните квоти.

-Дури и кога се достапни алтернативни производи, спроведувањето на постепеното укинување на хемикалиите е голем предизвик, при што некои влади не можат или не сакаат да се справат со тоа. Се чини дека секогаш има побарувачка од клиенти кои се задоволни со стариот производ и се двоумат да се префрлат на новиот, кој може да биде поскап - рече Иан Рае од Универзитетот во Мелбурн, кој беше технички советник на Монтреалскиот протокол.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот