„Најголема штета од недостигот на работна сила би можеле да претрпат фирмите во услужниот сектор, вклучително и финансискиот, каде што до 2030 година би можеле да недостигаат 1,2 милион работници“, произлегува од студијата „
Недостиг на таленти“ на консалтинг-компанијата „Корн/Фери“ што ја цитираат германските медиуми.
Исто така, ќе биде погодена и машинската индустрија, главната германска извозна гранка, со процена дека Германија ќе биде најсилно погодена од недостиг на работна сила од сите европски земји.
Најголем недостиг на работници уште сега се чувствува во инженерските сектори, односно кај апсолвентите на природно-научните насоки на универзитетите, а интересно е дека до крајот на идната деценија ќе се зголеми и побарувачката за работници со средна и нижа квалификација.
Претставниците на германското средно претприемаштво, кое вработува најголем број работници во земјата, апелираа до сојузната влада да преземе контрамерки што ќе влијаат врз недостигот на работна сила, и тоа со намалување на бирократијата и со промена на германскиот образовен систем.
Во првиот квартал од оваа година, според податоците од Сојузниот завод за труд, во Германија имало 1,2 милион непополнети работни места, главно поради недостиг на квалификувана и високо квалификувана работна сила.