X
 05.09.2024 Живот

Дали вработените се попродуктивни кога работат дома или во канцеларија?

Пандемијата радикално го промени начинот на работа. Многумина првпат ги почувствуваа сите придобивки, но и недостатоци од работењето од дома, а за некои тоа стана главен услов за останување на работното место или кога бараат нова работа. Додека дел од вработените уживаа во своите домашни канцеларии, на газдите не им се допадна овој нов начин на работа бидејќи немаа контрола врз вработените и начинот на кој го поминуваат работното време.

Во некои компании ситуацијата се врати на старо, односно вработените се вратија во канцелариите, но некои сè уште работат од удобноста на своите домови, додека некои користат хибриден модел: два-три дена работат од дома, а остатокот од канцеларија.

Во кои услови работниците се попродуктивни, зависи од повеќе работи, а досега се спроведени различни истражувања кои дале различни одговори поврзани со задоволството од работата и продуктивноста.

Најновото вакво истражување е поврзано со продуктивноста, а според него, дури 83 отсто од вработените сметаат дека се попродуктивни кога работат од дома. Треба да се земе предвид дека истражувањето го изврши „Зум“, компанија која стана глобално позната токму поради нејзините алатки кои овозможуваат работа на далечина.

Некои претходни истражувања покажаа различни резултати. Така, на пример, едно истражување покажа дека кај оние што работеле од дома продуктивноста паднала за речиси 20 отсто, додека истражување пред ова покажало дека работата на далечина предизвикала помала комуникација и соработка помеѓу вработените и тимовите.

Иако многумина што се против работата од дома ставаат голем акцент на намалувањето на комуникацијата помеѓу менаџерите и вработените, повеќе од 80 отсто од луѓето што учествувале во истражувањето спроведено од „Зум“ велат дека се чувствуваат силно или умерено поврзани со нивните претпоставени за време на работата од далечина, што е помалку во споредба со луѓето што разговараат со нив во живо, а 72 отсто од вработените веруваат дека на овој начин можат да се поврзат со своите шефови и менаџери.

Истражувањето покажува дека и условите за работа се пофлексибилни, а истражувањето открива и дека иако повеќето директори претпочитаат да ги гледаат своите вработени во канцелариите, тие планираат да обезбедат уште пофлексибилни услови во наредните две години.

Меѓу другите интересни работи поврзани со истражувањето, треба да се спомене дека вештачката интелигенција се користи во 94 отсто од организациите, при што 84 отсто од испитаниците го истакнале позитивното влијание на оваа технологија, додека 64 отсто од вработените велат дека генеративната вештачка интелигенција им ги олеснува нивните работни задачи.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот