Пожарникарите вложуваат натчовечки напори за да ги локализираат шумските пожари кои беснеат речиси еден месец, обидувајќи се да спасат што повеќе граѓани, имоти и шумските предели кои се од витално значење за нашето здравје.
Противпожарните бригади во земјава имаат недостиг и на кадар и на нова опрема за гасење пожари. Деталното истражување на Центарот за граѓански комуникации од јуни 2023 година покажа дека на ниво на држава недостигаат 340 пожарникари, а возилата што ги користат се стари во просек по 27 години.
Половината од вкупно 284. противпожарни возила кои ги регистрира истражувањето на ЦГК се постари од 30 години.
Во однос на екипираноста, помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34. противпожарни единици во земјава. Покрај Скопје, недостиг на пожарникари има и во Куманово, Битола, Тетово.
- Пред да се даде одговор на прашањето дали има доволен број пожарникари во државата, мора да се објаснат законските прописи кои го регулираат вкупниот број на пожарникари во државата. Имено, според Законот за пожарникарство, член 6 став 1, на секои 1.500 жители треба да има еден пожарникар. Според Законот за пожарникарство, а согласно последниот попис во државата, треба да има околу 1.450 пожарникари, додека во моментов има околу 950 пожарникари. Податок кој покажува дека во државата недостигаат околу 500 пожарникари.
Според пополнетоста на единиците, најалармантна е состојбата со Скопската единица каде што пополнетоста е околу 40 отсто од бројот на пожарникари кој законски треба да биде, односно во моментов има 175 пожарникари, а законски треба да има 384 пожарникари, потоа следуваат единиците во Тетово, Прилеп, Битола, Велес и Куманово. И на крај да заклучам дека моменталниот број на пожарникари во државата е недоволен, недостигаат околу 500 пожарникари, број со кој ефикасноста на единиците ќе биде поголема - потенцира во разговор за „Факултети.мк“ генералниот секретар на Независниот синдикат на пожарникари, Боби Вељаноски.
Нивните услови за работа се тешки, но тоа не ги спречува да ги ризикуваат своите животи за да ги спасат животите на другите. Пожарникарите стигнуваат многу брзо со оглед на тоа со кои проблеми се соочуваат.
- Треба да примиме пријава, да земеме податоци кои се задолжителни, веднаш потоа имаме разглас и кажуваме кое возило каде да отиде и што гори. На возачот му треба една минута да стиска гас за притисок на возилото, за жал, не сме од тие земји чии возила се закачени постојано на воздушен притисок. Се губи време, но имаме возачи кои, секоја чест, премногу ризикуваат иако законски не се заштитени – додава Тони Бошковски, претседател на Независниот синдикат.
Боби Вељаноски, пожарникар со над 27 години искуство, вели дека недостигот на пожарникари и техника која е во просек стара околу 30 години се два основни елементи на кои државата треба да посвети големо внимание.
Според него, пожарникарството е благородна и најважна професија во мирни услови за заштита на граѓаните, не само од пожари, туку и од разни видови непогоди, поплави, земјотреси, но истовремено тоа е најскапата служба во една современа држава.
- Пожарникарите многу тешко се справуваат со шумските пожари, но никогаш не се предаваат. Во овие кризни времиња недостигот на пожарникари го надополнуваат со натчовечки напори, едноставно еден работи за тројца, голем дел од нив секојдневно се на работа, како на гасење на шумските пожари така и на дежурства во ПП станиците за граѓаните да бидат соодветно заштитени од пожар или некоја друга несреќа, никогаш не се жалат, работат без поговор, едноставно денот нема крај за пожарникарите во лето. Можеби физички се исцрпени, но духот никогаш не ги напушта, се борат со стихијата до последен атом од сопствената сила. Тоа се пожарникарите, хероите на крајот од денот – додава Вељаноски.
Според Законот за пожарникарство, пожарникарите имаат обврска во рок од една година од денот на вработувањето да се стекнат со сертификат издаден од институција овластена од Министерството за образование и наука.
- Законот вели дека оној што ќе биде примен има време од една година да се преквалификува и да го дополни и комплетира образованието за пожарникар. Во моментов има две школи кои го спроведуваат тоа, едното е „Марија Кири Склодовска“ во Скопје, а другото е „Коле Неделковски“ во Велес. Тие имаат програма преку МОН да можат преку 900 часа да обучат и преквалификуваат пожарникари. Кандидатот ќе биде вработен, за тоа време не оди на интервенција, тука си го учи практичниот дел, комплетно го спремаме, на крај полага и кога ќе му се даде дипломата, тогаш се задолжува со опрема – вели Вељановски.
Идниот пожарникар треба да исполнува одредени психофизички карактеристики и норми, треба да биде соодветно теоретски и практично подготвен за оваа комплексна професија, која не значи само гасење на пожар, туку и спасување луѓе од сообраќајни несреќи, биолошки и хемиски инциденти, земјотреси, поплави и друго.
Според Синдикатот, сѐ поголем број млади луѓе сакаат да се занимаваат со оваа професија и покрај лошиот економски статус на пожарникарите, чии плати не соодветствуваат со тежината на професијата.
Фото: ЦУК