X
 08.05.2018 Технологија

Расте бројот на жени-иноватори



Од вкупно 224.000 барања за меѓународно признавање на патенти во 2017 година, една третина доаѓаат од жени-иноватори, соопшти Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) при Обединетите нации.


Девојка со лаптоп во рацете
(Фото: Pixabay)



Минатата деценија патентите креирани од жени зафаќаа 23 проценти од вкупниот број.

ОН го поздравија значителниот пораст на иноваторки во светот, но предупредија дека разликата меѓу половите сè уште е голема.

Првиот човек на WIPO, Френсис Гари, во соопштението ги поздрави „иновативните, креативни достигнувања на жените од разни делови на светот“.

Тој нагласи дека меѓународните барања за пријави на патенти се важен показател за мерење на иновативните активности во современата глобална економија, но и дека е потребно да се оствари целосен паритет меѓу мажите и жените на тоа поле.

Податоците на WIPO покажуваат дека Јужна Кореја е најдобра кога станува збор за рамноправност меѓу половите во иновациите затоа што размерот таму е педесет-педесет. Втора е Кина, каде што жените пријавиле 48 проценти од вкупниот број патенти.

Во САД, каде што бројот на пријавени патенти е најголем во светот, жените стојат зад 33 проценти од пријавите.

Уделот на жените е најголем на полето на биотехничките патенти (58 %), а следуваат фармацијата и хемијата.

Најмал е уделот во механиката – само 14 проценти.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија