X
 10.04.2020 Живот

Жените со помош на шифрирани зборови пријавуваат семејно насилство во аптеките

Минатата недела во францускиот град Ненси една жена влегла во аптека, едно од ретките јавни места што се отворени и покрај изолацијата.

Но, оваа жена не отишла во аптека да купи лекови, туку да им каже на фармацевтите дека нејзиниот сопруг ја злоупотребува. Набрзо потоа тој бил уапсен.


Бидејќи земјите низ светот преземаат мерки за изолација и прават сè што можат за да го ограничат движењето на граѓаните поради пандемијата, жртвите на семејно насилство одеднаш се најдоа заробени од својот злоупотребувач. Некои не се во можност или премногу се плашат да повикаат полиција.

Поттикнати од ваквите потези, Шпанија и Франција почнаа да им кажуваат на жртвите да одат во аптеки. Ако не можат да зборуваат отворено, сè што треба да направат е да му го кажат кодот на фармацевтот: „маска 19“. Жената од Ненси е првата што побарала помош откако владата ја почнала иницијативата минатата недела.

Како што мерките за изолација низ светот стануваат построги, хуманитарните организации и полицијата предупредуваат на евентуално зголемување на случаите на семејно насилство. Бидејќи не можат да избегаат, затвореноста со злоупотребувачите ги прави жртвите уште поранливи. Многу истражувања потврдуваат дека емоционално стресните настани може да предизвикаат зголемување на агресивното однесување дома. Истражувачите идентификувале такви зголемувања за време на економската криза во 2008 година, при случаи на природни непогоди и големи спортски натпревари.

Кристоф Кастанер, француски министер за внатрешни работи, изјави дека дошло до пораст на бројот на полициски интервенции за случаи на семејно насилство откако биле воведени мерки за изолација во Париз. Владата на Франција објави дека ќе плати 20.000 ноќевања во хотелите за жртвите на семејно насилство и ќе отвори привремени центри за советување во супермаркетите.

zeni
Фото: Unsplash

Вознемирувачки извештаи доаѓаат и од другите земји.

- Родовото насилство отсекогаш постоело, но кризата дополнително ја влошува ситуацијата - вели Симон Амерат, која работи во засолниште за жени.

Една жена што неодамна ги контактирала рекла дека нејзиниот партнер, со кого веќе е 4 години, отсекогаш ја контролирал и злоупотребувал, но од почетокот на изолацијата станал многу полош.

- Динамиката на семејното насилство станува многу сериозна. Таа барала да си замине, но тој не сака. Таа нема каде да оди - објаснува Амерат.

Проблемот е присутен насекаде низ светот. Владата на Австралија соопшти дека „Гугл“ забележал најмногу прашања за помош при семејно насилство во последните 5 години, што е пораст од 75 отсто.

„Рефјуџ“, водечка британска хуманитарна организација која се бори против семејното насилство, вели дека една од главните грижи е тоа што жртвата не може да пријави злоупотреба.

- Знаеме дека кај жените генерално е ограничена можност да пријават насилен партнер. Сега, оваа можност е далеку помала - вели Сандра Хорли, директорка на „Рефјуџ“.

„Рефјуџ“ ги советува жените да ја користат опцијата на „Тивко решение“, што е телефонски повик преку кој може да ја добијат полицијата користејќи го гласот. Направиле и опција за пораки, па можат да користат и пораки.

Црвениот телефон, линија за помош во Италија, примил 55 отсто помалку повици во текот на првите две недели од март бидејќи на многу жени им било тешко да побараат помош во текот на изолацијата. Исто така, тие изјавиле дека многу жени шепотеле за партнерите да не ги слушнат.

И Роуз Буве, директорка на засолниште за жени од Северна Франција, забележала слична појава.

- Веруваме дека причината е неможноста на жените да ни се обратат бидејќи се затворени со своите злоупотребувачи - вели таа.

И Амарет имала слични искуства. Жртвите ги контактирале за време на кратките излегувања до супермаркетите или испраќале пораки додека злоупотребувачот се туширал.

Извор: Lola Magazin
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот