X
 11.01.2016 Образование

Врие од наставнички во основното образование



Жените владеат со наставничката професија, не само во Македонија, туку во регионот, но и повеќето европски земји, посебно кога е во прашање основното образование. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем дисбаланс во однос на родовата застапеност во Македонија има во основните училишта.

Во учебната 2007/08 година од 15.330 наставници во основните училишта, 9.572 биле жени. Од 6.445 наставници пак во средните училишта, 3.695 биле жени. Во учебната 2009/10 бројот на наставници во основните училишта е 16.403 од кои 10.703 наставнички. Ланската учебна година, пак во Македонија работеле 17.628 наставници, од кои 11.990 жени. Ова значи дека 68 проценти од наставниците во основно образование се од женски пол. Во средните училишта пак, лани имало 7.402 наставници од кои 4.396, или 59 проценти биле жени.

Наставникот Филип (40), кој не сакаше да му се знае идентитетот, предава во одделенска настава во основно училиште, веќе десет години и накратко ни раскажа со какви предрасуди се соочувал во неговата кариера поради феминизација на наставничката професија.

- Само што се вработив се соочив со чудни погледи од страна на родителите при нашата прва средба. Имало реакции кај директорот на училиштето. Сакале жена да им предава, зашто нели учителките им се „втори мајки“ на децата. Директорот мораше да ги убедува да ми дадат шанса. Така и се случи и брзо стекнаа доверба во мене, па денес се шегуваме за ситуацијата. Убаво ми е што сум наставник, ја сакам професијата, но мразам што многумина ја сметаат за женска работа, па често треба да објаснувам зошто сум се одлучил да го правам ова. Кај децата не сум забележал никави предрасуди. На нив им е важно како човек се онесува со нив, а не дали имале наставник или наставничка - вели Филип.

Наставничката Симонида Ангелова вели дека навистина се реткост колегите мажи од одделенска настава и смета дека ова се случува токму поради феминизацијата на професијата.

- Ова влече корени од самото раѓање на децата. Во нашето општество мајката- жената е таа која најчесто се грижи за децата, па некако тоа се прелеа и во воспитно образовниот процес. Затоа и помногубројни се жените во одделенска настава, кај помалите деца Но, оваа состојба треба да се промени, првенствено бидејќи момчињата ќе немаат модели за идентификација во училиштето. Но, и не е добро било која професија да ја работат само жени или мажи од многу аспекти.

Порано многу помногубројни биле мажите учители, кога жените немале пристап до образование, но секако дека не се добри ни денешните екстреми и сфаќањето на оваа професија како женска. Јас досега сум запознала само неколку колеги мажи од одделенска настава и се радувам кога ќе ги сретнам, небаре се некој заштитен вид. Ова покажува до кое ниво сме дојдени -вели Ангелова.

На високообразовните институции пак постои одреден баланс во однос на вработеноста и родовата застапеност, но интересно е тоа дека на оние факултети кои се сметаат за „машки“, доминираат професори - мажи.

На државните Универзитети во земјава бројот на наставници и соработници во академската 2014/2015 година изнесува 3. 616. Бројот на наставници и соработници - жени е 1. 710 или 47.3 отсто. Градежен факултет од УКИМ има 52 професори од кои 13 се жени, на Машински вработени се 74 лица од кои 12 жени, а на Земјоделскиот факултет од Скопје од 73 професори, 32 се од женски пол. Професорките пак, се најбројни на Педагошкиот, Медицинскиот и Филолошкиот факултет.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование