Германската национална авиокомпанија „Луфтханза“ најави дека ќе ги враќа туристите во земјата бесплатно, доколку тоа е потребно поради Ковид-19.
Како што пренесуваат странските агенции, на тој начин се обидува да се бори против намалената побарувачка за летови поради пандемијата на коронавирусот.
- Воведуваме гаранција за враќање на туристите дома. Кој сака да се врати во Германија, ние ќе го вратиме, дали поради висока температура не може да влезе во земјата или затоа што тој мора да биде таму во карантин или, пак, затоа што во таа земја избувнала епидемија на вирусот - рече шефот на концернот, Карстен Шпор, за дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Тој додаде дека повторно очекува поголема побарувачка за летовите најдоцна до есенскиот училиштен распуст.
Извор: МИА
Насловна фотографија: Pixabay