Лек што ги спречува клетките на ракот да се кријат и пробив за рак на панкреас се меѓу најзначајните вести од конференцијата на Американското здружение за клиничка онкологија на годишниот состанок.
„Паметни“ лекови можат да им помогнат на пациентите да ги уништат сопствените тумори
Имунотерапевтските лекови, кои го користат имунолошкиот систем на телото за напад врз туморите, во последната деценија направија револуција во лекувањето на ракот. Но тие не дејствуваат кај сите пациенти. Нивната ефикасност може да ослабне или да исчезне кога клетките на ракот успеваат да се сокријат.
Истражувачите развиле „паметен“ лек што ги спречува клетките на ракот да се кријат. Експерименталната таблета „GRWD5769“ може да помогне туморите да се намалат за најмалку 30 отсто кај шест од најчестите видови.
Сите пациенти во истражувањето спроведено во Обединетото Кралство, Франција, Шпанија и Австралија претходно не реагирале на терапија. Повеќето немале други опции кога се приклучиле на истражувањето.
„Паметниот“ лек успеал да ги отстрани „маските за невидливост“ од клетките на туморот, изложувајќи ги на деловите од имунолошкиот систем што се борат против инфекции и болести. Тоа овозможило имунотерапевтскиот лек „цемиплимаб“ да ги открие и уништи клетките на ракот. Истражувачи утврдиле дека туморите се намалиле кај 26 од 83 пациенти со рак на грло на матка, мочен меур, црн дроб, дебело црево, бели дробови или рак на глава и врат, кои добивале „GRWD5769“ заедно со „цемиплимаб“. Кај 15 од тие 26 пациенти намалувањето на туморот било најмалку 30 отсто.
Второто истражување покажало дека комбинирањето на друг „паметен“ лек со хемотерапија им помогнало на луѓето со рак на белите дробови да живеат 15 отсто подолго.
Резултатите од третиот „паметен“ лек, „озекибарт“, покажале дека тој може да имитира природен протеин во телото и да се врзе за специфични рецептори на клетките на ракот, активирајќи ја нивната „смрт“ и притоа минимизирајќи штета врз здравото ткиво. Лекот, кој покажал ветувачки резултати кај пациенти со рак на дебело црево, ги намалил туморите кај дел од пациентите и го запрел напредувањето на болеста кај други. Една пациентка изјавила дека терапијата ѝ дала „нов живот“.
Дневна таблета може да се справи со најсмртоносниот рак во светот
Добивајќи стоечки овации во Чикаго, на конференцијата беше претставена таблета што го удвојува времето на преживување кај пациенти со рак на панкреас. Ова откритие е оценето како револуционерно и еден од најголемите пробиви во последните децении. Досега имало малку терапии за најсмртоносниот рак во светот, а повеќето од нив имале слаб или никаков ефект.
Во студија со 500 пациенти, сите со раширен рак на панкреас, таблетата „дарaксoнрасиб“ го удвоила преживувањето, со помалку несакани ефекти во споредба со хемотерапијата. Пациентите што го примале лекот живееле значително подолго - во просек 13,2 месеци, наспроти 6,6 до 6,7 месеци кај оние на хемотерапија.
Канцер-организации во светот ги поздравиле резултатите, иако голем број истражувачи предупредуваат дека пристапот до клинички студии за пациентите сè уште е „загрижувачки низок“.
Некои пациенти можат безбедно да прескокнат дел од терапиите
Додека најголемиот дел од вестите од конференцијата биле за нови „оружја“ во борбата против ракот, имало и изненадувачки резултати за тоа кои терапии можат безбедно да се избегнат.
Милиони жени со рак на дојка би можеле да бидат поштедени од хемотерапија благодарение на револуционерен геномски тест, според резултатите од едно истражување што може да ги промени светските упатства.
Пробивот им овозможува на лекарите да утврдат кои пациенти можат безбедно да ја прескокнат хемотерапијата, отворајќи пат за нова ера на персонализирана медицина.
Итна потреба за справување со растечкиот број случаи на рак
Ако поголемиот дел од вестите во Чикаго биле позитивни, имало и предупредувања.
Тест на крвта за повеќе од 50 видови рак, кој бил најавуван како „светиот грал“ во онкологијата, не ја постигнал својата главна цел во големо клиничко испитување.
Студијата со 142.000 пациенти на Националниот здравствен сервис требало да покаже дали тестот „Галери“ може да доведе до порано откривање на ракот. Резултатите покажале дека не е постигнато намалување на доцните стадиуми на дијагноза.
Истовремено, иако терапиите ги продолжуваат животите, растечката и постара популација значи дека бројот на пациенти со рак расте. Според експертите, до 2050 година може да има недостиг на 100 милиони здравствени работници, додека дневно би можеле да се дијагностицираат околу 100.000 луѓе.
Пациентите би можеле да се соочат со подолги чекања за дијагноза и лекување. Се предвидува зголемување од 21 отсто на бројот на случаи на рак, од 165 на 100.000 луѓе во 2025 година на 200 на 100.000 во 2050 година.
Глобално, околу 20 милиони луѓе годишно добиваат дијагноза за рак. До 2050 година таа бројка би можела да достигне 35,3 милиони.
Промените во начинот на живот можат значајно да влијаат
Начинот на живот може значајно да влијае врз ризикот од рак. Две големи истражувања презентирани во Чикаго сугерираат дека лошиот сон може да придонесе за пораст на ракот кај лица под 50 години.
Бројот на помлади пациенти се зголемил за речиси 80 отсто во последните 30 години. Глобално, случаите на рак кај лица под 50 години пораснале од 1,82 милиони во 1990 година на 3,26 милиони во 2019 година, додека смртноста кај луѓе во триесеттите и четириесеттите се зголемила за 27 отсто.
Истражувачите сè уште ги анализираат причините, но податоците укажуваат дека нарушениот сон може да биде еден од факторите. Истражувања врз 18 милиони возрасни во САД покажале дека луѓето со лош сон имаат повисок ризик од рак на дебело црево, дојка, матка и јајчници, а во некои случаи несоницата е поврзана и со до трипати поголем ризик од развој на рак во рок од пет години. Исто така, истражувањата покажуваат дека промените во животниот стил можат да помогнат и по дијагнозата, а јогата може да ги намали стресот, анксиозноста, заморот и несоницата кај пациенти со рак.
Извор:
The Guardian
Фото: Magnific