X
 31.10.2020 Здравје

Заштитните маски и дистанцата се важни, но за одбрана од коронавирусот има нешто поважно

Заштитни маски за лице и ограничен број луѓе се добра мерка, но добрата технологија за вентилација на просториите е многу поважна за намалување на ширењето на коронавирусот на јавни настани во затворено, тврди германско истражување.

Научниците вклучени во истражувањето велат дека резултатите се применливи и за борба против епидемијата кај поголема популација.

Околу 1.500 волонтери со заштитни маски и средства за дезинфекција на рацете и со почитување на физичка дистанца учествувале на поп-концерт во Лајпциг во истражување спроведено во август. Концертот се одржа во затворен простор, мерејќи го ширењето на вирусот во случај на голем собир на луѓе.

Научниците симулирале три сценарија во кои се разликувале бројот на посетители и физичко растојание. На овој начин тие создале компјутерски модел за да го анализираат протокот на аеросоли од заразените виртуелни гледачи.

- За нас, најважно откритие е колку е важна добрата технологија за вентилација на просторот. Ова е клучно за намалување на ризикот од инфекција - вели Стефан Мориц, водач на истражувањето спроведено во Универзитетската медицинска школа во Хале.

Истражувањето открило дека намалениот број на посетители, повеќето влезови во салите и соодветниот аранжман на седење имаат големо влијание врз бројот на контакти меѓу луѓето.

Се препорачува храната да се консумира само седејќи, просторот за чекање да биде на отворено, да се носат маски на лицето во текот на целиот концерт и одговорните лица постојано да проверуваат дали сите луѓе ги почитуваат хигиенските прописи.

Јавните настани можат да поттикнат ширење на патогени, но ако се почитуваат хигиенските мерки, ризикот е многу мал, вели Рафаел Миколајцук од Институтот за медицинска епидемиологија на Универзитетот во Хале.

Извор: Swissinfo.ch
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје