X
 08.07.2021 Живот

И човекот на чело на НАСА верува дека не сме сами во вселената

Во интервју за Си-ен-ен, Бил Нелсон, директорот на американската вселенска агенција НАСА, го коментираше неодамна објавениот извештај на Националната разузнавачка служба за неидентификувани летечки објекти и рече дека не верува дека сме сами во вселената.

Бил е поранешен сенатор на Флорида и еден од двајцата конгресмени што имаат летано во вселената. Од март е на чело на НАСА.

- Дали сме сами? Лично мислам дека не сме. Вселената е многу голема и била создадена пред 13,5 милијарди години, а тоа е прилично многу. Луѓето се гладни за овој вид информации и ние ќе продолжиме да бараме - вели Нелсон.

Во споменатиот извештај се евидентирани 144 неидентификувани воздушни појави, за кои нема конкретно објаснување.

- Врз основа на нашата анализа на податоците, ако и кога ќе се решат одделни инциденти со неидентификувани летечки објекти, тие ќе спаѓаат во една од петте можни категории: феномен во воздухот, природен атмосферски феномен, американска напредна програма за развој, странски напреден систем насочен против САД и петтата категорија во која се сместени сите други феномени - објаснува Нелсон.

Тој вели дека нема сознанија за тоа што виделе пилотите на морнарицата.

- Пилотите виделе нешто, ги следеле објектите со радар. Објектите одеднаш се преместувале од место до место, а извештајот ни кажува дека имало повеќе од 140 такви објекти - вели тој.

Сега се чека извештајот на научниците, за да се види дали постои некакво објаснување од научна гледна точка.

На прашањето од новинарот на Си-ен-ен што мисли за овие летечки феномени, Нелсон изјави дека пред три години лично разговарал со морнарските пилоти кои имале средби со неидентификувани феномени и смета дека постои нешто таму.

- Ако не станува збор за вонземни летечки објекти, тогаш станува збор за многу напредна технологија на странски сили, што нас во Америка треба да нè загрижува. Според досега достапните информации, другите земји не би требало да имаат толку напредна технологија - вели директорот на НАСА.

- Кога станува збор за вселената, запомнете, таа е многу голема. Ние во НАСА имаме програма наречена „Барање вонземна интелигенција“. Но, досега немаме воспоставено комуникација со ниту еден интелигентен облик на живот - нагласува Нелсон.

Извор: CNN
Фото: Facebook/Screenshot
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот