X
 16.01.2020 Наука

НАСА: Чадот од пожарите во Австралија ќе направи круг околу целиот свет

НАСА предупредува дека чадот од пожарите во Австралија ќе направи најмалку еден полн круг околу целиот свет и повторно ќе се врати во областа над Австралија.

Научниците од НАСА преку сателитски податоци ги анализирале чадот и аеросолта што доаѓаат од пожарите во Австралија и забележале дека чадот од пожарите од крајот на декември пропатувал половина планета и влијаел врз квалитетот на воздухот во другите земји.

Чадот стигнал до Јужна Америка.

- До 8 јануари 2020 година чадот поминал половина планета. Стигнал до Јужна Америка и предизвикал магливо небо и разнобојно изгрејсонце и зајдисонце над оваа област - изјави НАСА, додавајќи дека чадот предизвикува сериозни проблеми со квалитетот на воздухот во Нов Зеланд.



- Поради екстремните временски услови, високите температури на воздухот и ниската влажност, има голем број инциденти предизвикани од облаците пирокумулонимбус, односно од бурите предизвикани од издигнувањето на пепелта и чадот, а кои предизвикуваат пожари.

Огнени облаци

Пирокумулонимбусите, наречени и огнени облаци, подигнуваат чад на височина од 16 километри во стратосферата, од каде што може да патуваат илјадници километри подалеку од својот извор и може да влијаат врз атмосферските услови низ целиот свет.

Николас Белоуин, климатолог од Универзитетот „Ридинг“, изјави дека не е толку невообичаено честичките од пожар да патуваат низ светот, но дека концентрацијата на оние што се настанати во австралиските пожари е од таква природа што може да влијае врз квалитетот на воздухот на друго место во светот, вклучувајќи ги Чиле и Аргентина.

Австралија со месеци се соочува со пожари. Досега најмалку 28 лица загинаа, а само во државата Нов Јужен Велс беа уништени повеќе од 3.000 домови.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука