Искреноста во пишувањето и бескомпромисниот пристап во создавањето на музиката ја зацврстија младата кантавторка Дина Јашари на музичката сцена и ја промовираа во лидер на новиот бран свежа и квалитетна македонска музика.
За пет години откако се појави на сцената со сосема нов звук, Дина ги помести границите на креативноста, а универзалноста на нејзината музика ја зголеми шареноликоста на публиката на нејзините концерти. Родена во Скопје, Дина Јашари е дел од движењето во нејзината генерација каде што се рушат стереотипи и се работи храбро.
Со песната „Дома“, Дина Јашари ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот за 2022 г. што се доделува во чест на покојниот фронтмен на „Екатарина Велика“. Реализира неколку турнеи и настапи во неколку култни места во Љубљана, Будимпешта, Загреб и Белград. Дина беше придружен вокал на бендот „Ај Кју“ и со нив настапи на Евровизија во 2018 година.
За пет години далеку стигна и многу создаде. Што има досега во багажот?
- Се радувам за сите работи што ми се случија досега, а се радувам и за идните, за кои никогаш не знае човек што да очекува. Досега имам едно EP-издание „Дома“ и повеќе синглови, со кои патував низ Балканот и Европа заедно со бендот кој ме придружува – „Другари“. Работам на албум во кој ќе бидат вклучени и тие: Лука Тошев (гитара), Драган Теодосиев (тапани), Стефан Алексовски (клавијатура), а сигурно ќе има уште неколку другари вклучени во процесот. Едно нешто научив, а тоа е дека за да креираш музика, треба и малку да си дозволиш да живееш, за да имаш за што да пишуваш. Премногу работев и морам да признам дека малку се изморив и бев присилена да застанам и да направам кратка пауза за одмор. Со свежи сили и мојот хаотичен креативен процес, возбудена сум за работите што следуваат.
Од кого добиваш најголема поддршка и која музика или автори ти се инспирација?
- Од многу луѓе добивам поддршка и сум многу благодарна за тоа. Како истрајни музичари кои направиле многу и сѐ уште неуморно креираат, а со тоа ми се инспирација, ќе ги издвојам: Васко Атанасоски, Пијан Славеј (Бранко Фолтин) и Пеце Суперхикс, кој го букира мојот прв концерт со авторска музика на неговиот фестивал „Добра Идеја“.
Студираш на Музичка академија, ти се зголеми ли креативноста таму?
- Факултетот за музичка уметност е супер искуство за самоуки музичари без претходно музичко образование да сфатат колку не знаат и колку имаат за учење. Тоа ми се случи мене. Ми помогна да растам во тоа што го сакам и да запознам професионалци со кои и ден-денес соработувам. Топло ја препорачувам насоката Популарни жанрови, која денес мислам дека е преименувана во Џез. Нормално дека ми влијаеше и врз начинот на кој создавам музика, кој првично не го научив на факултет, туку од лично искуство со милион обиди. А сѐ што знам за музичка продукција имам научено од Драги Иванов.
Сама ги пишуваш и ги создаваш песните. Се исплатеше ли твојата искреност во текстовите во обидот да допреш до поширока публика?
- Дефинитивно се исплатеше и само тоа е правиот начин. Луѓето чувствуваат кога нешто е искрено и кога не е. Во мојот случај тоа ми овозможи мојата музика да живее и да патува на турнеи низ Балканот и некои европски земји, и многу други работи.
Кога си најкреативна, на кој јазик и со која музика?
- Би сакала да напишам една песна на португалски, а исто така сакам да научам и албански, кој за жал го немам научено досега. Може и српско-хрватски. Инаку, вака на македонски ми доаѓа природно да си пишувам, а музиката не можам да ја ставам во еден жанр.
Еднаш рече дека сакаш да стигнеш што подалеку на кирилица, што значи тоа?
- Тоа значи да си го чуваме своето и бескомпромисно да креираме во своето, а така ќе бидеме уникатни и прифатени надвор, само ако така се пласираме.
Чувствуваш ли одговорност да го правиш тоа, да се шири македонската музика на меѓународната сцена?
- Тие што сме, а не сме многу, ја имаме таа обврска. Најдобар начин да се претстави една земја е преку културата.
Кои патишта ги користиш за да стигнеш или да допреш до младите генерации со оглед на тоа дека тие не вклучуваат ТВ?
- Јас сум од таа генерација што не вклучува ТВ. Се обидувам да ги користам социјалните мрежи само за работа, иако понекогаш и јас трошам премногу време скролајќи на „Тик-ток“. Тоа е начинот на комуникација во моментов, колку и да не сум среќна за тоа. Но, позитивната страна е тоа што имаме супер шанса да се претставиме и да споделуваме музика во онлајн светот каде што може да се стигне до публика од цел свет. Најмногу користам „Инстаграм“.
Порано, за да успееш, ти требаше продукција или тим во што било, а сега младите ги имаат социјалните мрежи. Што мислиш за нив?
- Се согласувам со ова. Може лесно да се почне на социјалните мрежи, но неизбежна е потребата од тим за продуктот да биде квалитетен. Сепак, живееме во реален свет, јас лично имам потреба од многу луѓе за да можам да се реализирам како што сакам. На крајот на краиштата, она што останува и е најквалитетно е направено од тимска работа.
Дали твојата работа придонесе да се разбијат некои од стереотипите во општеството?
- Искрено се надевам. Гледам дека има едно убаво движење во мојата генерација каде што се рушат стереотипи и се работи храбро, и јас сум дел од тоа. Меѓусебно се поддржуваме.
Дали сметаш дека со музиката ги зближуваш различностите, без разлика дали се социјални, родови, етнички?
- Така треба да биде, забележувам дека имам слушатели од најразлични возрасти, животни стилови, потекло… Тоа многу ме радува, кога ќе видам шаренолика публика на мој концерт, значи дека мојата музика е универзална и допрела до различни луѓе. Му дава смисла на ова што го правам.
Како млад автор како тебе влијае или може да влијае врз младите во инспирирање конструктивни наративи?
- Тоа го пишувам во моите песни, само така можам да влијаам, а тоа што го пишувам го живеам. Секогаш тргнувам од себе, се трудам да бидам подобар човек, за мене секогаш најдобрите примери биле луѓе што сум гледала дека го живеат тоа што го веруваат, без да креваат врева околу тоа.
Може ли да се живее само од музика кај нас, односно од уметност?
- Сметам дека сум уште на почеток за да можам да дадам добар одговор. Прашај ме за 10, 15 години и ќе ти кажам каде стојам на ова прашање. Прво не ја гледам само Македонија, туку цел Балкан како простор за културни настани и соработки. Во моментов е многу тешко, но не би рекла дека е невозможно. Сепак, човек мора да работи 154 работи за да може да преживее во месецот, но духовната придобивка од слободата што ја има еден уметник е бесценета. Тргнувам од помислата дека е лесно да се направат пари, тешко е човек да е духовно исполнет од својата професија. Ќе се потрудам да не се ставам во позиција каде што ќе ги жртвувам мојата креативност, исполнетост и радоста што ми ги носи музиката, иако е многу тешко. Секоја професија бара огромна посветеност, наш е изборот кои вредности ќе ни бидат приоритет во животот.
Фото: Александра Костадиновска
Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.