Следбениците/слушателите се појавуваат природно, се радувам што по многу години работа и посветеност, мојата музика исплива до места каде што не очекував и по тоа станувам препознатлива. Мислам дека луѓето ја препознаваат искреноста и тоа што бескомпромисно пристапувам во процесот на творење и начинот на изведување на мојата музика, вели Јашари
Дина Јашари е релативно ново име на музичката сцена, но веќе е миленичка на публиката, особено на помладите генерации. Дина Јашари со песната „Дома“ ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за 2022, за најдобра песна во регионот. Наградата ја доделува Фондацијата „Милан Младеновиќ“, именувана во чест на легендарниот белградски и југословенски рок-музичар и фронтмен на групата „Екатарина Велика“. Дина Јашари во 2022 реализира и 3 мини-турнеи и забележа настапи на култни концертни места, како Кино Шишка – Љубљана, А38 – Будимпешта, Мочвара – Загреб, КЦ Град – Белград...
Студентка е на Факултетот за музичка уметност во Скопје, насока популарни жанрови, а надвор од тоа продуцира своја музика.
- Бидејќи немав никаква музичка едукација претходно, факултетот ми помогна да научам некои основи на музичката теорија што ми ја отворија креативноста, а и можностите во музиката. Но, најмногу научив од луѓето што ги запознав таму, така и се случи „Дина Јашари и другари“ - споделува Дина.
Луѓето ја препознаваат искреноста
Таа вели дека ги освоила симпатиите на публиката веројатно со желбата и потребата да креира музика и да ја сподели со другите.
- Следбениците/слушателите се појавуваат природно, се радувам што по многу години работа и посветеност мојата музика исплива до места каде што не очекував и по тоа станувам препознатлива. Мислам дека луѓето ја препознаваат искреноста и тоа што бескомпромисно пристапувам во процесот на творење и начинот на изведување на мојата музика. Голем придонес имаат и моите другари (бендот), кои прават моите песни на настапите во живо да звучат магично, секој член посебно со својата енергија и умешност. Ми даваат една сигурност и стабилност на сцена, можам слободно да бидам во моментот и да уживам - вели Дина.
Вели дека досегашниот успех е комбинација и од талентот и од факултетот, и од луѓето околу неа.
- Ако се навратам на последниве 2-3 години, има многу моменти во кои сум била на вистинско место во вистинско време. Сум ги искористила шансите што ми биле дадени и од нив дошле некои нови работи. Талентот е важен момент, но не и клучен. Волјата, напорната работа и истрајноста ме доведоа до тие шанси и вистински моменти што ги споменав. Од мала знам што сакам да бидам и која ми е целта, само не знаев како да се постигне. Сѐ уште не знам и сѐ уште не сум стигнала до тоа, но мислам дека сум на вистинскиот пат и сум многу благодарна за поддршката што ја добивам од луѓето околу мене. Со текот на времето, многу природно се случи да имам еден креативен тим од луѓе што се тука за да ми помогнат тоа што го правам како артист да биде аудио-визуелно подобро. Од бендот (Лука, Оцет, Шоле, Цефо, Беки), техничкиот тим за светло, видео и тон (Трипе, Ерик и Кирца), мојот стајлинг (Сара Стојчевска, Игралиште, Бобан Bobbcat), до видеоспотови (Пирка, Борјан Стојков, Мирослав Илиќ, Кокос продукција) итн. Тука морам да го споменам и Драги Иванов, тој има голем придонес во продукцискиот дел на моите песни и ми помогна да го најдам мојот звук - посочува Јашари.
Ми лежи поп, нео-соул, боса нова
Според нејзиното искуство, вели дека нема правило кога една песна е готова да проструи низ етерот.
- Некогаш се потребни 50 работни верзии, некогаш 5. Ги пишувам музиката и текстот, ја аранжирам (продуцирам) и потоа тоа оди кај Драги. Некогаш сум добивала одговор дека треба да оди на микс и мастер и е спремна, некогаш тој ја доработува и работиме повеќе време на неа. Таков е креативниот процес, непредвидлив и секојпат кога почнувам да пишувам нова песна, се чувствувам како првпат да го правам тоа - споделува Дина.
Вели дека не е ограничена жанровски.
- Се докажало дека најмногу ми лежи поп, нео-соул, боса нова. Се инспирирам од сѐ што слушам и од сите идеи што ми се појавуваат во главата пробувам да склопам песна. Тоа што го живеам, го пеам. Пишувам за тажни работи, за среќни, за измешани чувства, за сѐ што ќе ми се најде во главата. Како еден дневник на годините што минуваат. Текстовите ги пишувам секаде, во секое време. Кога нешто во мислите ми звучи интересно веднаш, го запишувам во notes во телефон или го снимам. Кога сум во некоја креативна фаза, расположение, потребно ми е да сум сама и никој да не ме прекинува. Омилени ми се тие моменти кога идеите течат, земам еден инструмент и заедно со мелодијата и текстот ги градам акордите. Сѐ додека не дојдам до нешто конкретно што ми има смисла, само продолжувам да свирам и да пеам, како некој вид freestyle - изјавува Дина Јашари.
Се инспирира од пејачки што се со сличен сензибилитет
За себе вели дека не смета дека е некој посебен вокал со некои особени вокални способности и се инспирира од пејачки што се со сличен сензибилитет, како на пример Аstrud Gilberto.
- Во последно време ја слушам плеј-листата Yugobleja на Спотифај. Тоа е плеј-листа исполнета со свежа избрана музика од артисти од Балканот. Пријатно сум изненадена во колкав број нѐ има, музичари со исти принципи, идеи, визии на целиот Балкан. Топло препорачувам да ја проверите, ќе откриете многу квалитетни музичари - препорачува Дина.
Се надева дека нејзината генерација и оние што следуваат ќе успеат барем малку да ја сменат рамката на она што е поп, мејнстрим-музика.
- Со тоа што гледам дека има еден бран на свежа, квалитетна македонска музика, гледам и надеж и потенцијал дека можеме да направиме промени. Да направиме она што е алтернативно да биде достапно за сите и препознаено. Да не остане само во денсин-салата во МКЦ, туку да биде поддржано и слушнато од цела земја и од Балканот. Постојат македонски бендови што правеле турнеи во цел свет со македонска музика. Треба да учиме од тие примери, неуморно да работиме и да не се откажуваме. Јас сум доказ дека ако искрено и со детска наивност се пристапува кон тоа што го правиш, особено ако се работи за уметност, може да биде препознаено и сум многу благодарна што е така. Најубавите работи што ми се случија не ги очекував, во тоа е магијата. Едвај чекам да откријам што е следно за мене - истакнува Јашари.
Фото: Александра Костадиновска