X
 08.07.2024 Живот

Зошто родителите во Јужна Кореја доброволно одат во самица?

Единственото нешто што ги поврзува сите соби во „Фабриката за среќа“ во Јужна Кореја со надворешниот свет е отворот низ кој се доставува храната.

Во овие ќелии од пет квадратни метри не се дозволени мобилни телефони и лаптопи, а единственото друштво за оние што престојуваат во нив се голите ѕидови.

Луѓето што остануваат овде не се затвореници, туку доаѓаат во овој центар за да доживеат искуство во изолација. Повеќето го имаат истиот проблем - дете кое целосно се повлече од општеството.

Овие осаменици се нарекуваат хикикомори - термин кој бил измислен во Јапонија во 90-тите години и се однесува на изолација и целосно повлекување на адолесцентите и младите луѓе од општеството.

Од април, родителите учествуваат во 13-неделна образовна програма финансирана и водена од невладини организации како Корејската младинска фондација. Целта на оваа програма е да ги научи родителите како подобро да комуницираат со своите деца.

Во текот на програмата, три дена поминуваат во самица во објект во Хонгчеон-гун, провинцијата Кангвон. Организаторите на програмата се надеваат дека за време на изолацијата родителите ќе можат подобро да ги разберат своите деца.

„Емотивен затвор“

Џин Јунг-хае има син кој три години се затвора во својата спална соба.

Но, бидејќи времето го поминува сама во изолација, Џин малку подобро го разбира „емоционалниот затвор“ на нејзиниот 24-годишен син.

- Се запрашав што згрешив за да завршам вака - и ме боли да размислувам за тоа. Но, како што почнав да размислувам подлабоко, стана малку појасно - вели 50-годишната жена.

Таа вели дека нејзиниот син имал дарба и дека таа и неговиот татко секогаш имале големи надежи за него. Но, тој често бил болен, имал проблеми со одржување на пријателствата и на крајот развил нарушување во исхраната, што му отежнувало да оди на училиште. Кога почнал на факултет, се чинело дека му оди добро, но еден ден целосно се повлекол во себе. Срцето ѝ се скршило кога го видела како се заклучува во собата, ја запоставува личната хигиена и прескокнува оброци.

Но, иако анксиозноста, тешкотиите со семејството и пријателите и разочарувањето поради тоа што не бил прифатен на врвен универзитет можеби влијаеле врз нејзиниот син, тој не сака да разговара со неа за тоа што го мачи.

Кога Џин дошла во „Фабриката за среќа“, таа читала белешки напишани од други млади луѓе кои се повлекле во себе.

- Бидејќи моето дете не зборуваше со мене, не знаев што го мачи. Читајќи ги белешките, сфатив: „Тој се заштитува себеси со тоа што молчи затоа што никој не го разбира“.

Истражувањето на Министерството за здравство и социјална заштита, спроведено во 2023 година и во кое учествувале 15.000 лица на возраст од 19 до 34 години, покажало дека повеќе од 5 отсто од испитаниците се во самоизолација. Ако ова е репрезентативен примерок од пошироката популација на Јужна Кореја, тоа би значело дека околу 540.000 луѓе биле во иста ситуација.

Истражувањата покажуваат дека најчестите причини за отуѓување од општеството се:

- Тешкотии при наоѓање вработување (24,1 отсто);
- Проблем со меѓучовечките односи (23,5 отсто);
- Семејни проблеми (12,4 отсто) и
- Здравствени проблеми (12,4 отсто).

Во Јапонија постои продолжен проблем на феноменот „хикикомори“, што значи дека постарите родители и понатаму ги издржуваат своите возрасни деца.

Извор: ВВС
Фото: Korea Youth Foundation
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот