Моето детство траеше во текот на 70-тите и 80-тите...
Мама, тато, пет години постариот брат и јас. Не се сеќавам дека родителите играа со мене. Имав играчки и поминував часови во светот на имагинацијата. Мама готвеше, се занимаваше со куќата и поважни работи.
Не барав, а ниту сакав да играме заедно. Затоа веројатно и денес имам бујна имагинација и уживам во ретките моменти што ги поминувам сама. На лето цел ден бевме надвор, се качувавме, скокавме, но се знаеше времето за ручек, вечера и спиење. Кога ни доаѓаа гости, се знаеше дека децата нема што да бараат на маса со возрасните, освен ако требаше да јадат.
„Ајде деца, в соба!“
И ни беше супер, одлично се забавувавме. Не знам, ниту некогаш сум слушнала некоја тема на разговор што се одвиваше меѓу постарите. Воопшто не ме интересираше. Кога ќе одевме на гости и кога домаќините ќе ме понудеа со колаче, а јас подоцна посегнував по третото парче, мама само ќе ме погледнеше остро, така што раката истиот момент ја повлекував кон себе. И ден денес ми остана нејзиното:
„Не дојде да се најадеш, пристојно земаш парче, две и стануваш!“
Така и денес со презир гледам на луѓето кои грабаат од шведската маса на некој настан. Не плачевме, не врескавме и не викавме дека ни е досадно. Ако ни паднеше на памет да го речеме тоа, ќе ни одговореа: -Занимавај се со нешто. И ќе се занимававме. Како работеше имаганицијата...
Бевме чисти, уредни, пристојни, можевме да се контролираме кога требаше да бидеме тивки и и тоа како активни кога ќе нѐ пуштеа од синџири.
Јадевме сѐ, немаше прашање: „Сакаш?“ Никогаш.
Одевме онаму каде што сакаа нашите родители, кога тие сакаа... И ни беше забавно, секогаш.
Се радувавме на излетите на кои редовно одевме за време на викендите и патувавме со воз на море. Тато работеше, а мама беше дома, се грижеше, нѐ хранеше, приговараше, слушаше, бодреше. Беше авторитет, никако пријател.
Подоцна, кога детството прерасна во адолесценција, беше поддршка, психолог, советник, критичар, сѐ по потреба. Не беше пријател. И тоа се нагласуваше, да не се збунам, да не ја третирам како моите врсници, без почит.
Секое непочитување кон возрасните се казнуваше со рака по газот. Без објаснување, разговарање. Ако навредиш постар, шамар. Па ти навреди и биди безобразен наредниот пат. Исползување на јазикот, грди зборови... повторно оној претходно споменат поглед на мама...
Не сметам дека беше идеално... После излегувањето во сабота, тато ме будеше во 9 за да помогнам во чистење на станот. По 10 минути телефонирање ми викаше да престанам и да се најдам во четири очи ако толку сакам да разговарам. Ограничените излегувања бескрајно ми одеа на нерви.
Никогаш не отидов дома пијана, не ни ми паѓаше напамет.
А потоа нешто се случи, па ваквиот вид воспитување стана премногу сурово. Времето роди нови генерации родители. Бескрајно толерантни, оние кои поддржуваат пријателски однос со децата и тоа баш им е „кул“.
Немојте да ме сфатите погрешно, потребни се промени, би рекла и неопходни, но имам чувство дека отидовме од една во друга крајност. Не знам, но како нашите родители и ние претеравме, само на сосема различен начин. Допревме друга крајност.
Поради сопствен бунт или инает?
Започнавме да водиме филозофски разговори со 2-годишни деца, да ги гледаме децата како статусен симбол, како нов автомобил, па го средуваме, дотеруваме, покажуваме, се фалиме: „Колку километри има твојот? А коњи?“. Така ми изгледа сето ова. Моментално децата се во центарот на вниманието, седат на чело на масата, уште повеќе, го избираат местото каде ќе седат и тоа им се одобрува.
Децата ги прислушуваат разговорите на возрасните, упаѓаат во разговорите, го имаат главниот збор и се главна тема на разговор. Секако, секогаш во суперлативи. Малото е ова, малата е подобра... Децата доаѓаат на гости со реченицата: „Јас сум гладен!“, па им вадат сѐ од фрижидерот, додека родителите се смеат. Децата постојано се забавуваат, не знаат сами да играат, па те влечат за ракав и бараат внимание. Ако не им дадеш започнуваат да врескаат, па цело семејство учествува во смирувањето.
Родителите се расправаат со наставниците, им се закануваат со откази, им се закануваат на другите деца, ако во жарот на играта, некој им го допре нивното дете.
Родителите пред децата плукаат по наставниците, така што и децата се осудуваат да го направат тоа. Па исчезнува секаков авторитет. Децата станаа смислата на животот на своите родители, животен проект, единствена тема за разговор, нереална гордост.
Со гордост треба да зборувате за своите достигнувања, интереси, искуства, а детето за своите. Наместо тоа, се фалиме со туѓите (на детето) достигнувања, присвојувајќи ги како свои заслуги.
Децата се тука за да ги воспитаме и да ги пуштиме да живеат. Да ги оспособиме за живот, воедно не занемарувајќи го својот. Никако да им служиме и да растеме место нив.
Со часови да ги чекаме пред ноќните клубови и да ги возиме дома.
Да им го држиме мијалникот откако пијани ќе се вратат дома.
Да го толерираме недозволеното.
Да ги наградуваме за добрата оценка. Боже, па оценките сами по себе треба да се награда.
Дали ви се чини дека сите во основно училиште имаат петки? Навистина, понекогаш е полесно на ученикот да му се пише повисока оценка отколку наставникот да си има работа со набилданиот татичко кој ѝ се заканува на „старата коза“ дека го оштетила неговото натпросечно интелигентно дете и му пишала 4, а тоа знае за 10.
Поимот злоставување и немирни детски игри стана еднакво.
Ние се тепавме, се боревме со коприви, одевме дома изгребани, црвени. Никој поради тоа не дигаше паника. Не бевме толку чувствителни. Не бевме тужи-баби, биејќи знаевме дека поради тоа ќе добиеме уште еден шамар.
Кога разговарам со новопечените родители, на сите им е заедничка една реченица: „Најважно ми е детето да биде среќно!“
На нашите родители најважно им беше другите да ги направиме среќни. Бидејќи, сфатија дека во тоа, индиректно, е и нашата среќа.
Обрнете внимание на луѓето, не бидете себични, развивајте емпатија, сочувствувајте, грижете се, бидете внимателни... Сето ова се изгуби некаде по пат.
Дали воспитуваме и одгледуваме саможиви его-манијаци?
Никогаш задоволни личности, вечно желни за внимание. Оние кои не трпат авторитет, забрана, услови, рокови, па цел живот бараат и чекаат совршената можност да падне од небото, а таква нема.
Во меѓувреме родителите ги финансираат, перат, хранат, тешат... Бидејќи нивното злато заслужува подобро. И овој свет не е доволно добар за нив. Дали претерав? Во секој случај, мислам дека ни треба златна средина. Нешто помеѓу воспитните методи на нашите родители и овие денес. Времето ќе покаже, ако нас, во меѓувреме, сопствените деца не нѐ изедат за појадок.