И ова лето сме сведоци на голем број пожари, па важно е да знаеме како да постапиме ако се соочиме со несакани последици од нив. Затоа е важно со себе да имаме барем минимум опрема од комплетот за прва помош и да сме способни да пружиме прва помош додека надлежните служби да реагираат.
Што треба да имаме од санитетски материјал на работа или во природа?
Средствата и опремата за пружање прва помош мора да стојат и да бидат достапни на сите места каде условите за работа го бараат тоа. Исто така, сè мора да биде одбележано во согласност со прописите.
Пожелно е работодавецот да обезбеди ѕиден орман или преносна торба за пружање прва помош, која би требало да содржи стерилна компреса од газа, стерилни гази во повеќе димензии, завои, лепливи фластери, безопасни игли, ножици со заоблен врв, ракавици за еднократна употреба, памучна вата, нејодно антисептичко средство за кожа итн.
Во работното опкружување прва помош на повреден или загрозен пружа вработениот кој има завршено обука за пружање прва помош. Оние кои работат на места со зголемен ризик, мора да се оспособени да си помогнат и сами себеси, секако, доколку состојбата им дозволува.
Ако зборуваме за пожарите во становите или на отворено, нема разлика - секогаш со себе треба да имате барем дел од комплетот (стерилна газа, завој, ракавици, антисептичко средство).
Обидете се да останете прибрани и објективно да ја процените ситуацијата
Пожарите се трауматични и предизвикуваат вознемиреност, затоа е многу важно да се размислува со ладна глава. Забавете за момент, смирете го дишењето, размислете за постапките кои се потребни за да бидете што е можно покорисни во стабилизацијата на здравствената состојба и спасувањето на животите на загрозените. Потоа проценете колку е безбедно местото на несреќата и утврдете што точно може да ве загрози вас и останатите присутни (механичка опасност, излевање на опасна течност или испуштање на гас, опасност од експлозија, пожар, рушење, затрупување...). Ако процените дека е потребно, известете ги специјализираните служби да го отстранат изворот на опасноста и побарајте помош од некого во околина.
Како да процените дали нечиј живот е во опасност?
Најважно е кај секој повреден да утврдите:
-дали е свесен;
-дали дишните патишта му се проодни;
-дали дише;
-дали видливо силно крвари;
-дали може да се поместува.
Кому да му укажете прва помош
Итното укажување помош е потребно кај лица со срцев застој, кај онесвестени лица, кај лица на кои им е загрозено дишењето и кај лица кои многу крварат.
Доколку утврдите дека некому му е потребна итна медицинска помош, веднаш известете ги надлежните итни служби.
Информациите кои би требало да им ги дадете при пријавата се следните:
-кој се јавува, од каде се јавувате и од кој број на телефон;
-каде се случила несреќата (што е можно попрецизна локација);
-што се случило (дали имја повредени, дали има закана од ширење на пожарот);
-колку повредени има и дали некој е во животна опасност.
Исто така, би требало да останете со повредените и да се грижите за нив додека да дојдат итните служби. Ако сте обучени, а процените дека е потребно, укажете им основна прва помош.
Постапување со лице кое се онесвестило во пожар
Најпрвин обидете се да воспоставите контакт со повреденото лице, обратете му се гласно и прашајте го:
-Дали си добро?
-Ме слушаш ли?
-Отвори ги очите!
Ако лицето не реагира, отворете му ги дишните патишта. Тоа можете да го направите на следниот начин:
-со едната рака притиснете му го челото со дланка
-подигнете му го врвот на брадата со два прста од другата рака.
Проверете дали лицето дише. Приближете се до лицето на повредениот, а потоа:
-набљудувајте го движењето на градниот кош;
-слушајте го дишењето;
-почувствувајте го здивот на лицето на вашиот образ.
Ако загрозеното лице дише, поставете го во странична положба и задолжително повикајте итна помош. Осигурајте се дека дишните патишта му се проодни и постојано следете го дишењето.
Постапување со онесвестено лице кое не дише - мерки за оживување
Ако лицето е онесвестено и не дише, веднаш известете ја итната помош и започнете со мерки за оживување (кардиопулмонална реанимација):
-извршете 30 притискања на градниот кош на лицето;
-ставете ги рацете на средината на градниот кош така што едната дланка ќе ви биде поставена над другата;
-30 пати притиснете го градниот кош, потиснувајќи го за 5-6 сантиметри, со 100 до 120 притискања во 60 секунди;
-два пати дајте му вештачко дишење (затворете го носот на лицето, ставете ја вашата уста на устата на жртвата, издишете еден нормален здив и следете дали ќе се крене градниот кош на жртвата, па почекајте градниот кош да се спушти и повторете ја постапката);
-продолжете со постапката на оживување додека да дојдат итните служби;
-повторувајте ја процедурата од 30 притискања на градниот кош и 2 вештачки дишења.
Ако процените дека не можете да ја изведете постапката или не сакате да давате вештачко дишење, масирајте го срцето со ритмички притискања на градниот кош на жртвата со брзина од 100 до 120 притискања во минута.
Прва помош кај изгореници
Најпрвин е потребно веднаш да се отстрани облеката од изгорените површини. Потоа на нив треба да се истури ладна вода (никако премногу ладна!) или да се стават чисти ладни облоги 20 до 30 минути или подолго, ако болката е посилна и ако уште чекате помош.
Немојте да ставате лед или ледено студена вода за да не предизвикате дополнителни, потешки оштетувања на ткивата. Ладењето ќе помогне кога и да започнете со него, иако е подобро со процесот да почнете што поскоро. Ако изгорената површина е голема, немојте да ја ладите подолго од неколку минути, тоа може дополнително да ја снижи телесната температура. Исто така, не се препорачува ставање на какви било други нешта од народната медицина, а доколку болките се силни, на жртвата можете да ѝ дадете лекови за регулација на болката.
Што ако изгорениците се од повисок степен?
Ако станува збор за потешки изгореници, спроведете ги овие мерки додека чекате итна медицинска помош:
-ставете го лицето да лежи и кренете го делот од телото што е изгорен;
-постапете исто како кај поблагите изгореници, отстранете ги облеката и накитот од телото, а ако е потребно, исечете ја облеката за полесно да ја отстраните;
-во никој случај не допирајте ги раните и не продупчувајте ги плиците;
-продолжете со ладење со влажни стерилни облоги;
-ако изгорената површина е голема, покријте ја за да спречите дополнително спуштање на телесната температура.
Извор:
eklinika
Фотографии: Freepik