X
 26.08.2024 Технологија

Клучната работа што е потребна за да станеме мултипланетарна цивилизација според Илон Маск

На профил кој ги следи информациите за Илон Маск на платформата „X“, објавено е видео снимено пред 13 години во кое извршниот директор на „Тесла“ и основач на „Спејс икс“ зборува за предизвиците на развојот на ракети кои ќе можат да бидат користени повеќе од еднаш. Тогаш тој истакнал дека такво нешто е тешко веројатно, но дека „Спејс икс“ ќе се обиде да го направи: „Можеби нема да успееме, но ќе се обидеме да го направиме тоа“, се зборовите на Маск.

Патувањето на неговата компанија кон оваа цел започна со првиот лет во 2010 година и иако првите ракети не беа наменети за повеќекратна употреба, таа визија секогаш беше присутна. Со текот на времето, „Спејс икс“ успеа во тоа, а благодарение на можноста за повторна употреба на ракетата, трошоците за лансирање се значително намалени.

На оваа објава, или видео на неговата социјална мрежа, реагирал и самиот Илон Маск. Тој напишал дека денес ракетата „Фалкон 9“ е околу 75 отсто со можност за повторна употреба, а лансирањето трае неколку дена. Новата ракета што тие моментално ја развиваат и тестираат, „Старшип“, која воедно е и најголемата ракета во историјата, е дизајнирана да биде 100 проценти повторно употреблива за нови летови. Исто така, како што напишал Маск, за разлика од „Фалкон“, на која ѝ се потребни денови за повторен лет, „Старшип“ во теорија би можела повторно да се користи само еден час по слетувањето.

Напредокот што „Спејс икс“ го постигна досега, и оној што се очекува со „Старшип“, ќе биде од клучно значење за главната цел на „Спејс икс“. Иако во моментов сето ова е во фаза на научна фантастика, желбата на Маск е еден ден вселенските летови да станат вообичаени и чести, за да можеме да летаме на други планети. Така навистина би можеле да станеме меѓупланетарна цивилизација, а клучот за тоа ќе биде можноста за 100 проценти повторна употреба на ракетите. Слично како што денес летаме околу Земјата со авиони, така и со „Старшип“ и слични идни ракети би можеле да летаме на други планети.

„Старшип“ моментално е во фаза на тестирање, а неодамна беше одложен петтиот пробен лет на оваа ракета, кој според последните најави треба да полета до крајот на август, иако секогаш постои можност за нови доцнења.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Wikipedia

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија