Штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра, изјави тамошниот премиер Роберт Голоб.
Најголемите поплави досега во Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, однесоа куќи и оставија села во урнатини. Поројните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.
- Штетата ќе изнесува неколку милијарди евра - ги изнесе премиерот последните проценки во програмата на јавната телевизија, јави СТА.
Според него, за ефикасна санација ќе биде потребно да се направи сè и да се добијат што повеќе средства од европските фондови и помош од странство. Голоб најави дека владата ќе обезбеди пакет помош за директно погодените.
-Сакаме денес да им го покажеме на луѓето решението - рече синоќа премиерот Голоб, додавајќи дека времето за акција не треба да се брои со месеци и години, туку со денови и недели.
Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови низ северозападна и централна Словенија, а армијата, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ослободат други и да ги расчистат улиците. Шест лица загинаа од петокот, меѓу кои и двајца холандски државјани. Словенечката агенција за животна средина објави дека поплавите вчера почнале да се повлекуваат, но некои области се уште се отсечени. Европската Унија понуди тешки машини и инженерски единици. Словенија, исто така, побара хеликоптери, војници и монтажни мостови од воената алијанса на НАТО. Хрватска и Унгарија помогнаа со хеликоптери, а Германија со тим за цивилна заштита.
Извор: МИА