X
 06.01.2019 Економија

Словенија ја чека добра година: Силен раст на БДП со рекордно ниска невработеност и раст на платите

Наспроти очекуваното намалување на стапката на раст за 2019 година во Словенија, за оваа година се најавува зголемување на вработеноста, но и реален раст на платите за околу 2,8 отсто.

Според најавите на владината канцеларија за макроекономски анализи (УМАР), словенечкиот БДП оваа година би требало да се зголеми за 3,7 отсто. Тоа е пониско од високата стапка на раст во последните две години, но и подобра прогноза за растот од онаа од 3,2 отсто што ја даде Европската комисија.

Словенечките работодавци најавуваат дека оваа година би можеле да вработат околу пет илјади нови работници, со што ќе се намали и онака рекордно ниската невработеност. Минатата година во заводите за вработување биле пријавени 78.500 луѓе, што е најмалку во последните десет години. Таквата ситуација ќе го принуди и приватниот сектор, кој има кадровски проблеми, па сè повеќе ангажира странски работници, да ги зголеми платите, откако новата влада го обезбеди тоа за јавниот сектор и ја зголеми минимално загарантираната плата.

Според оцените на УМАР, бруто-платите во Словенија оваа година ќе пораснат номинално за 4,9 отсто, а реално за 2,8 отсто бидејќи се очекува малку поголема инфлација и раст на животните трошоци за разлика од минатата година.

Општиот индекс на благосостојба во Словенија во текот на оваа година малку ќе се зголеми, но најавите за 2020 година се поризични, вели Бојан Иванц, економист во Стопанската комора на Словенија (ГЗС).

Ризиците се поврзани со евентуалното заострување на протекционистичките политики во меѓународната трговија во регионот надвор од ЕУ и последиците од Брегзитот иако Словенија три четвртини од извозот (кој беше главен генератор на растот во последните неколку години) го остварува во ЕУ и во еврозоната.

Можната рецесија во Словенија би се одразила со одложување и оваа година не би се почувствувала, оценуваат тамошните економисти. Тие тврдат дека најновите анкети меѓу домашните работодавци не покажуваат толкав пад на економското расположение какво што се забележува во последниот квартал од минатата економија во поголемите европски економии, па затоа и процените за речиси двојно поголема стапка на растот на БДП од просекот во еврозоната ги сметаат за реални.

Но, некои анализи покажуваат дека трендот на намалување на оптимизмот ќе се покаже и кај словенечките работодавци во текот на првата половина од годинава, повеќе во производството отколку во услужниот сектор.

Од друга страна, како што пренесуваат словенечките медиуми, очекувањата на сопствениците од новата влада се однесуваат пред сè на создавањето стабилна работна околина, на што во последните години, поради постојаните промени, имаа повеќе забелешки, како и на изјавите на новиот премиер за зголемувањето на корпоративните даноци.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија