X
 08.10.2020 Живот

Харамби - закон за дарежливост што владее во Кенија

Зборот харамби (harambee) во слободен превод значи „сите заедно“. Изразот е на свахили, националниот јазик на Кенија, и е вкоренет во традицијата на земјата. Станува збор за настан за помош на оние што имаат потреба.

Харамби е официјалното мото на нацијата, се појавува на грбот на земјата и опфаќа концепт за ставање на групата пред индивидуалецот. За Кенијците, харамбито претставува непишан закон за дарежливост без разлика на класата, етничката група и религијата.

Генерално гледано, харамби може да биде настан за собирање донации или едноставна услуга. Секогаш кога некој поминува низ значаен настан во животот, како венчавка, образовна можност, тешка болест или загуба на близок, а потребна му е помош, тој му се обраќа на член на семејството или лидер на племето.


Фото: Pixabay

Потоа, овој постар член на семејството или лидерот ќе свика состанок со останатите старешини за да дискутираат дали настанот е доволно значаен за да се собере помош од заедницата, а потоа ќе организира харамби. Тие што присуствуваат на настанот донираат пари или помагаат на друг начин, со услуги или поддршка. Не се очекува ништо за возврат.

Според историчарите, овој концепт се користи стотици години во Кенија. Првиот претседател на Кенија, Џомо Кенијата, зборувал за концептот во говорот по повод неговата победа на изборите.

Автор: Мвенде Мутули Мусау
Извор: Би-би-си
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот