За да се справи со брзото стареење на населението и со недостигот на работна сила, јапонската компанија „Обајаши корпорејшн“ се насочи кон автоматизација за изградба на брана, користејќи роботи.
Пробниот проект се наоѓа во префектурата Мие, на југоисточниот брег на главниот остров во Јапонија, Хоншу. „Обајаши“ разви автоматизирана опрема за редење бетонски слоеви за изградба на браната висока 83 метри и широка 334 метри. Изградена е и фабрика за бетон во близина на локацијата.
Секој чекор од процесот на изградба вклучува некаква форма на автоматизација, почнувајќи од темелот. Крановите се одговорни за поставување бетон, што го сочинува телото на браната, и тие се контролираат од далечина, од канцелариски компјутери, кои исто така го следат и напредокот на изградбата. Луѓето ќе управуваат со крановите само во случај на итност.
Во случај на нерамни бетонски слоеви, кои обично се мазнети од работници-луѓе, роботски-контролирани ролери развиени од „Обајаши“ периодично ќе го израмнуваат и полираат бетонот пред да се наталожи друг слој. Друг
робот континуирано ќе го регулира протекувањето на неистоварениот бетон.
Фото: Obayashi
Додека бројот на автоматски решенија е импресивен, „Обајаши“ вели дека ја зголемиле продуктивноста само за околу 10 отсто, бидејќи и понатаму се потребни луѓе да ја надгледуваат оваа релативно нова технологија. Сепак, штом компанијата ќе се здобие со поголема експертиза, очекува продуктивноста да биде зголемена до 30 отсто. Овој тип проект е особено погоден за автоматизација бидејќи изградбата на брана вклучува долги повторливи задачи далеку од населените места, што го намалува ризикот од вознемирување на луѓето.
Со оглед на тоа што јапонската работна сила старее со огромна брзина, компаниите дејствуваат брзо за да создадат роботи засновани врз експертизата на работниците, пред тие да се пензионираат. Покрај ова, Јапонија спроведува построги регулативи за прекувремена работа, кои ќе стапат во сила на градилиштата во 2024 година. Ова дополнително ќе ги намали човечките ресурси, зголемувајќи ја потребата да се вклучи технологија за автоматизација и во други видови градежни работи.
Со оглед на итната потреба на Јапонија да го реши зголемениот недостиг на работна сила, таа мора да дејствува брзо, а индустрискиот сектор формира идеален полигон за изградба на роботи. Ако методот се покаже успешен, ќе биде интересно да се види дали ќе се користи за поширок спектар на градежни проекти, вклучително и станбени и комерцијални објекти.
Браната треба да биде завршена во март 2023 година.
Фото: Obayashi