X
 08.11.2018 Живот

Буквата што повеќето од нас не можат да ја напишат, а ја читаат

На почеток изгледа чудно фактот дека постои буква што повеќето луѓе не се во состојба да ја напишат. Во најмала рака затоа што во животот трошиме доста време учејќи ги буквите. Речиси е како ритуал, фаза кога седиме на столчето, го стискаме моливот во раката и ја пишуваме секоја буква, повторно и повторно, додека не стане совршена.

Научниците од Универзитетот „Џон Хопкингс“ објавија резултати од доста чудно истражување во кое откриле дека кога станува збор за два вида мали букви „g“, повеќето луѓе грешат. Речиси никој од испитаниците не бил во состојба да ја напише правилно, повеќето не знаеле да изберат што е точно. А некои, пак, тврделе дека малата буква „g“ не постои, иако постојано се среќаваат со неа.

Еве во што е работата. Секој што пишува мала „g“ со рака, ја пишува ракописно, со отворена кука долу. Така нѐ учеа на училиште, така ни е врежано во меморијата. Вториот начин е „типографско“ мало „g“. Она со затворена кука долу што се користи во печатените медиуми, особено во фонтот „Тајмс Њу Роман“.

Буквата е вообичаена и во книгите: се користи во 74 отсто од детските сликовници, се наоѓа во 89 отсто од детските книги и во 97 отсто од книгите за возрасни. Но, човечкиот мозок сеедно се однесува како да не е во состојба да ја запомни. Истражувачите им дале на испитаниците неколку задачи, вклучувајќи ја и онаа со едноставно избирање на правилно ракописно „g“ помеѓу неточно напишаните. Повеќето луѓе не биле во состојба да го изберат точното.

Како е возможно луѓето без проблем да ја читаат буквата што никогаш не можат да ја напишат или да ја препознаат ако е извлечена од контекст? Дел од објаснувањето би можело да биде во тоа дека повеќето деца не учат да ја пишуваат „типографската g“, па лекциите се задржуваат на ракописната верзија. Типографската верзија станува стилски концепт и тука се крие разликата. Ние таа буква треба да ја препознаеме, но не и да ја напишеме, па мрзливиот човечки мозок не се оптоварува со тоа.

Истражувачите велат дека ова е доста важно поради неколку причини. Тие се сомневаат дека децата што имаат проблеми со читањето би можеле да бидат збунети со таа буква. Постојат и две верзии на „а“, но тоа се чини дека не е голем проблем. А признаваме, навистина нема смисла да се учат децата да пишуваат на еден начин, а потоа да читаат нешто друго. На истражувачите им бил интересен и фактот со чувањето информации. Ако цело време ја гледаме, тогаш би требало да ја запомнеме.

Но, поради некоја причина ние цело време сме изложени на таа буква и форма, а не ни останува во сеќавање, па некогаш се однесуваме како воопшто да не постои. Тоа покажува дека меморијата е многу повеќе од обично гледање во нешто, дека е повеќе од уочување на значењето и примена на нештото. Многу сме покомплицирани отколку што мислиме.

Од каде дошло тоа „g“? Трагите водат кон монасите во 8 век, кои цел живот поминале молејќи се, препишувајќи верски текстови и повторно молејќи се. Тие користеле карлиншко писмо, а во него се наоѓала и чудната буква „g“. Денес многумина сметаат дека ваквата буква е непотребно комплицирана, а истото мислење го имале и монасите во минатото. До 15 век монасите и писарите ја претвориле буквата во некој вид ракописна верзија полесна за пишување, па тоа е она што децата денес го пишуваат.

Како тогаш останала употребата на типографската форма на „g“? Во ренесансата луѓето едноставно сакале да ги оживеат старите примени, па така и карлиншкото писмо. Сепак, кога станува збор за пишување со рака, луѓето се одлучуваат за полесната верзија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот