X
 08.11.2018 Живот

Дознавањето на платата на менаџерот може да биде мотивирачко за вработените

Студија изготвена од страна на истражувачите Зои Кален од Бизнис-школата на „Харвард“ и Рикардо Перез-Траглиа од Школата за менаџмент при Универзитетот во Калифорнија покажува дека многу луѓе значително ја потценуваат платата што ја заработуваат нивните шефови, а кога ќе им се каже бројката, тие се склони кон понапорно работење.

Кога станува збор за платите на колегите, потценувањето и преценувањето биле приближно исти. Но, кога ќе дознаат дека колега на слична позиција заработува повеќе, тоа е демотивирачко и резултира со опаѓање.

Истражувањето било направено во голема комерцијална банка во Азија и во неа биле вклучени околу 2.000 вработени од сите нивоа од организацијата. Преку онлајн-истражување истражувачите побарале од вработените да погодат колкава е платата на нивните менаџери.

Потоа на околу половина од вработените им била кажана точната, повисока бројка, додека на останатата половина не ѝ била кажана точната сума.

Во текот на следната година истражувачите ги анализирале податоците на компанијата за тоа кога вработените доаѓаат и си одат од работа, како стојат со активноста поврзана со електронската пошта и како им оди продажбата.

Резултатите покажале дека вработените што дознале дека нивниот менаџер зема 10 отсто повеќе отколку што тие мислеле, минувале 1,5 отсто повеќе часови во канцеларијата, испратиле 1,3 отсто повеќе е-пораки и продажбата им се зголемила за 1,1 отсто. Овие бројки биле дури и повисоки за вработените што ја дознале платата на менаџерите кои се релативно близу во хиерархијата на компанијата. Како дознавањето на сумата што ја зема шефот да станала нешто кон што се стремат.

Од друга страна, вработените што дознале дека нивните колеги земаат 10 отсто повеќе од нив, минувале 9,4% часа помалку во канцеларијата, бројот на испратени е-пораки им се намалил за 4,3 отсто, а продажбата за 7,3 отсто.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот