Властите во Велика Британија најавија дека ќе инвестираат вкупно 65 милиони фунти во пет проекти за „зелени“ методи за греење. Меѓу нив е и еден проект чија цел е да се донесе топлина во илјадници британски домови која останува како вишок од блиските компјутерски центри за податоци. Тоа ќе биде прв ваков голем проект во оваа земја, а ќе биде субвенциониран од државниот буџет со 39 милиони фунти.
Проектот за користење на вишокот топлина од центрите за податоци е дизајниран од лондонската компанија „Олд оук енд парк ројал девелопмент корпорејшн“, а планираат да го спроведат во три лондонски области во северозападниот дел на градот. Таму, речиси 10.000 нови станови, како и деловен простор од 250.000 квадратни метри и една локална болница, ќе се загреваат со отпадна топлинска енергија од компјутерските системи на центрите за податоци.
Станува збор за еколошки систем за греење кој ќе биде релативно евтин за поврзаните домаќинства, а исто така ќе ѝ помогне на владата да ги постигне целите за намалување на стакленичките гасови. Проектот има цел да испорача 95 гигават-часа топлинска енергија, а ќе се реализира преку пет фази, од 2026 до 2040 година, при што ќе се гради цела нова населба.
Основата на системот ќе биде топлинска енергија која доаѓа од локалните центри за податоци во форма на вода загреана на 20 до 35 Целзиусови степени. Наместо вишокот топлина да се испушта во околината, таа ќе се пренасочува преку мрежа од топлински цевки до голем број локални енергетски постројки. Таму ќе влезе во топлинските пумпи, а понатаму ќе се спроведува преку класични метални цевки до радијаторите во зградите.
Меѓу другите предложени проекти е и една инвестиција во топлинската мрежа на Универзитетот во Ланкастер, кој предвидува инсталација на топлинска пумпа напојувана од обновливи извори на енергија.
Извор:
Bug
Насловна фотографија:
Facebook