Македонски дизајнер ја претстави својата визија за модерното „југо“, чија форма е инспирирана од оригиналниот модел од осумдесеттите години.
Во време кога сѐ повеќе дизајнери на автомобили наоѓаат инспирација за нови возила во старите модели на нивните брендови, чии стилски детали ги применуваат за електричните возила во иднината, интересна интерпретација за „југо“ доаѓа од македонски дизајнер.
Графиките се дело на дизајнерот Дејан Христов, кој својата љубов кон автомобилите ја трансформира во интересни проекти, како овој за модерната верзија на легендарниот модел „застава“.
Фото: Дејан Христов
Како почетна точка Христов ја искористи карактеристичната хечбек-форма на оригиналниот модел, која потоа ја модернизира и ја приспособи на модерната естетика на автомобилската индустрија.
Неговото модерно „југо“ има електричен погон и е дизајнирано како електричен автомобил со прифатлива цена што би одговарала на цената на моделот „дачија спринг електрик“.
Фото: Дејан Христов
Повеќе детали не се познати, но Дејан Христов планира за својот проект да ја извести Владата на Србија и смета дека во неговата реализација може да учествуваат „Римац автомобили“, „Стелантис група“, која е сопственик на фабриката во Крагуевац, или „Рено/Дачија“.