X
 08.12.2023 Живот

Шкотски студент бил казнет да копа компири, а открил староегипетско богатство

Мелвил Хаус, прекрасна зграда во округот Фајф, Шкотска, служела како база за обука на полските војници што пристигнувале на островот за време на Втората светска војна.

Подоцна зградата била претворена во интернат и станала популарна пред 71 година кога еден од учениците како казна копал компири и открил нешто што не требало да биде таму - античка египетска статуа стара 4.000 години.

Ова изненадувачко откритие било прво од многуте што следувале. Со секое ново парче што се појавувало, мистеријата за тоа како овие египетски богатства стигнале таму ги држела во неизвесност локалните куратори на музејот.

- Ова е фасцинантна колекција, најмногу поради мистеријата околу нејзиното потекло и како овие богатства дошле во оваа земја - вели Маргарет Мејтланд, виш кустос во Националниот музеј на Шкотска каде што повеќето од наоди се чуваат и денес.

Биле пронајдени 18 парчиња од староегипетско потекло во просторот на поранешниот интернат во Мелвил Хаус, вклучувајќи и глава на статуата издлабена во црвен песочник која Мејтланд ја опиша како ремек-дело на египетската скулптура, заедно со неколку бронзени статуетки и керамички елементи кои датираат од 1069 до 30 пр.н.е.

статуа
Фото: National Museum Scotland

Но, како овие богатства стигнале до Британските Острови?

- Ископувањето и истражувањето на овие наоди во Мелвил Хаус беше најнеобичниот проект во мојата кариера и среќна сум што можам да ја раскажам целата приказна - вели Елизабет Горинг, поранешен кустос на Кралските музеи на Шкотска.

Приказната е следна. Во 1984 година група тинејџери од Мелвил Хаус ја посетиле Елизабет Горинг. Тие со себе донеле египетска бронзена статуетка што еден од нив ја нашол со детектор за метал на училишната територија. Заинтригирана, Горинг истражувала и открила дека два други предмети, глава од песочник и бронзена статуетка на бикот Апис, биле претходно лоцирани на имотот, помеѓу 1952 и 1966 година.

Горинг ја истражувала локацијата и открила повеќе парчиња, како што е горната половина на застаклена керамичка фигура на која е прикажана божицата Изида како го дои својот син Хорус и керамичка чинија со окото на Хорус. Што се однесува до тоа како сите овие предмети пристигнале во Шкотска, сега, по многу истражувања, истражувачите веруваат дека ги донел лордот Александар Лесли-Мелвил кој отпатувал во Египет во 1856 година, но починал многу брзо по враќањето.

Истражувачите веруваат дека е можно господарот да ја набавил колекцијата на неговите патувања бидејќи во тоа време конзулите и антикварите често продавале антички египетски предмети на странци заинтересирани за нив. По смртта на лорд Мелвил, неговите роднини веројатно ги преселиле археолошките предмети во некоја помошна зграда на куќата, која подоцна била урната и целосно заборавена.

- Откривањето на античките египетски артефакти кои биле закопани во Шкотска повеќе од сто години го демонстрира обемот што собирањето антиквитети го достигнал во 19 век и сложената историја зад тоа - заклучува Маргарет Мејтланд.

Извор: National Geographic
Фото: National Museums Scotland
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот